[Рецензија] Blade Runner 2049 – визуелно ремек-дело кое ќе премине во сај-фај класик

Изминатава недела се случи премиера на најмалку очекуваното продолжение – Blade Runner 2049. Дури 35 години после оригиналот на Ридли Скот, во кино салите пристигна продолжението на Денис Вилнев, поставено 30 години после дејството во култниот филм со Харисон Форд.

Кога култен филм како Blade Runner неочекувано добива продолжение на приказната толку подоцна, сосема е оправдана скепсата дали вториот филм ќе биде достоен и нема да го уништи оригиналот. Ако се прашувате дали вреди да потрошите речиси три часа за дело кое се покажа комерцијално неуспешно (резултатите од бокс офисот во Америка се разочарувачки), мојот одговор е да. Многу пати да, а ќе образложам и зошто.

Пред сè, мора да го поставам прашањето – од кога комерцијалниот успех е показател за квалитет на еден филм (особено кога е сај-фај?). Да не заборавiме дека Shawshank Redemption имал повеќемилионска загуба кога премиерно се изведувал во кината.

35 години неодговорени прашања поставија огромни очекувања за продолжението кое никој не го очекуваше. Сепак, мојата оценка е дека Вилнев одлично го имитира импресионистичкиот стил на Скот, со кој и самиот ја зацврсти својата положба и почит во Холивуд, преку филмовите како Prisoners и Sicario. Малку дијалог, впечатливи и контрастни бои, широки кадри, темна палета на бои и одлични звучни ефекти се чини дека е дефиницијата на Вилнев за филм кој го влече гледачот да потоне длабоко во приказната, интерпретирајќи ја и чувствувајќи ја на свој начин.

За почеток, ќе се задржам на визуелниот дел: Blade Runner 2049 е филм со прекрасна фотографија и естетика која, според мене, е дефиниција за сајбер-панк. Со користење на денешната технологија, направен е прекрасен омаж на револуционерните кадри на оригиналот од ‘82ра, но збогатени со уште понова и поинвазивна технологија, како реклами со вештачка интелигенција во три димензии кои им зборуваат на минувачите на улица, убави жени на билборди кои зборуваат на егзотични јазици, дронови со моќи и способности многу поголеми од оние кои нашите ги имаат и сеприсутните реклами за Кока Кола, овојпат холограмски. Тука се и просториите на Корпорацијата Тајрел, сега Валас, каде зраците светлива и огромните простории се исти, но уште повпечатливи кога се прикажани преку денешните, современи објективи.

Особено впечатливи се сцените сетирани во сега уништениот Лас Вегас, каде сиот кич и раскош е претворен во артефакт од време кога луѓето биле доволно луѓе за да имаат пороци, алчност и страст. Сега, разликата меѓу репликантите и луѓето е уште понезабележлива – ниту едните, ниту другите се чини дека немаат човечки атрибути. Ја прифатиле комерцијализацијата и својата улога во оштеството толку добро, што се поблизу до роботи.

Сепак, филмот прикажува и „ретро“ технологија – слична на онаа што Скот ја замислил во оригиналот, но сега понапредна. Сличностите и свесните имитации на сцените од оригиналот, верувам дека им се особено драги на верните фанови, бидејќи на тој начин режисерот покажува почит кон делото кое добил можност да го доврши. Сепак, смешно е да се зборува дека е ретро технологија која сè уште не сме ја измислиле во реалноста, но судејќи според тоа колку почесто научната фантастика личи на реалноста (сетете се на Black Mirror и Star Trek), место да биде хипербола за распадот на денешното општество, можеби и тоа наскоро ќе се случи.

Музиката и ефектите на мајсторите на звукот во седмата уметност, како Ханс Цимер и Бенџамин Волфиш, дополнително го заробуваат умот на гледачот, нурнувајќи го во темниот, вештачки свет роден од умот на Филип К. Дик. Тензијата и хипервентилацијата нема да ве напуштат додека ги слушате звуците, кои чиниш создаваат некоја аугментирана реалност. Истовремено, оддаваат почит и на композиторот на музиката од оригиналот – Вангелис, користејќи ги неговите препознатливи звуци на синтисајзер и органа, на кои местото не им припаѓа во ништо друго, освен во филм кој зборува за тоа колку е бидувањето човек мала и незначајна работа. Тоа е музика „поголема од животот“, како што би се рекло на англиски.

Настрана од техничкиот дел, она што ме натера да одлучам дека продолжението не го уништува оригиналот, е токму придржувањето до оригиналната поента и филозофија: Дали да се биде човек значи да се биде роден, или пак човечен те прават чувствата и слободната волја? Дали е најстрашната вистина да се знае дека сами одлучуваме за нашата судбина? Дали може некој или нешто што не е родено од човек, да биде почовечно од луѓето? Овие прашања ја мачеа публиката во 1982, кога сочувствуваше со Рој Бети. Ја мачат и денес.

Дали е Рик Декард човек, или репликант? Сè уште не знаеме. Дали неговото заљубување во Рејчел е судбина, или само прецизно пресметана равенка чија непозната е решението за најголемото прашање на човечкиот вид – како, и зошто, се размножуваме? Дали сме и ние луѓе? Што е тоа што нè прави такви?

Како и секој научно-фантастичен или акционен филм, ни Blade Runner 2049 не е имун на дупки во приказната и нелогичности. Но, има ли поента да се дебатира за „plot-holes“ во филм чија цел е преку својот дистописки свет и импресионистички наратив, да отвори дебата за себството и смислата на постоење?

За крај, мора да потенцирам дека Blade Runner 2049 (заедно со анимето и двата краткометражни филмови објавени пред премиерата, чија цел е да го сврзат дејството на двата долгометражни филмови), поставува значајни споредни прашања за човештвото и неговите негативни страни. Ќе бидеме ли некогаш доволно еволуирани за да нема ропство? Дали е хиерархискиот систем природен за нашиот вид? Дали е насилството единствен начин на вистинска револуција? На крајот од денот, важно ли е дали си човек или репликант, ако ти веруваш во својата човечност?

Единствена негативна забелешка би упатила кон неразвиеноста на карактерот на главниот негативец. Ниандер Волас е само уште еден интелигентен нихилист со претензии да го освои светот (а светот во овој филм е многу повеќе од една планета) и низа празни и непотребни монолози со многу…. многу… многу драмски паузи. Не знаеме ни од каде произлегува неговата оспесија, ниту пак зошто има месијански комплекси. Лав, која е поблизу до активен негативец во овој филм, не може ни напола да ја извлече емпатијата на гледачот која Рој Бети, Нексус 6 репликантот од оригиналниот филм, ја предизвика кај мене. Сепак, монологот за „солзи на дождот и времето да се умре“ тешко може да се надмине.

Стефанија Тенекеџиева