Реакција од Х.Е.Р.А на изјавата на министерот Ристовски за сексуално образование

Организацијата Х.Е.Р.А реагира на изјавата на министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, откако тој ја отфрли нивната иницијатива за воведување на предмет сексуално образование во училиштата. Реакцијата ви ја пренесуваме во целост:

„Уште во 2011 година, во преговорите со Бирото за развој на образованието, ХЕРА ја прифати идејата да се направат надополнувања, односно да се обезбедат прирачни материјали за наставниот кадар, во рамки предметот Образование за животни вештини.

Министерството за образование (МОН) и наука и БРО изразија позитивно мислење за развој на учебник со кој ќе се подобри наставата за Образование за животни вештини. Учебникот беше изготвен во согласност со методологијата на предметот Образование за животни вештини. Дополнително, беше земена предвид Рамката за сеопфатно сексуално образование, во чија изработка учествуваше и МОН.

МОН и министерот Ристовски, според претходните упатствата се известени за изготвениот материјал и е побарано мислење, во два наврати, во април и јуни оваа година. ХЕРА од тогаш до денес, од БРО, доби писмо со кое сме упатени да почекаме на мислење од МОН. Ова е главна причина што учебникот досега не беше промовиран во јавноста и зошто ја инициравме петицијата.

Оттука не е јасна изјавата на министерот дека денес првпат слуша за барањата од петицијата. Уште повеќе не може да се разбере фактот дека Ристовски има согледувања за содржината на учебникот и дава критички осврт на неговите содржини. Затоа бараме да ни достави официјален одговор и секако да ја сподели рецензијата на која се повикува, особено да ги аргументира обвинувањата „за експлицитни содржини и несоодветноста за возраста на децата“.

Ќе повториме дека во Акционен план за намалување на матернална, перинатална и доенечка смртност за 2013-2014 година, усвоен оваа пролет од Владата на РМ предвидена е активноста: Ревизија на постоечката наставна програма “Животни вештини“ со теми од областа на сексуално и репродуктивно“, реагираат од организацијата.

Министерот за образование на наука, Спиро Ристовски денеска во Охрид ја отфрли иницијативата на граѓанската организација „ХЕРА“ за воведување посебен предмет сексуално образование во образовниот систем на Македонија, како и предлогот за употреба на нивниот прирачник како средство за едукација на младата популација.

ХЕРА денеска ги повика граѓаните да се потпишат на петицијата со која од министерот за образование и наука, Спиро Ристовски се бара воведување на предмет сексуално образование. Според организацијата, сеопфатното сексуално образование е препорачана мерка за подобрување на здравјето на младите, на мајките и на целото население во три национални здравствени стратегии усвоени од Владата.