Расистички коментари на Facebook поставени на билборди во Бразил

Непрофитна организација во Бразил поставува билборди со расистички коментари напишани на Facebook, во близина на домовите на луѓето кои ги напишале. Целта не е да се експонираат расистите, туку да увидат дека нивните зборови имаат големо влијание.

Кампањата „Виртуален расизам, вистински последици“ ги користи локациите на Facebook на кои се „чекираат“ корисниците за да откријат каде живеат луѓето кои навредуваат и шират говор на омраза на социјалната мрежа. Потоа, активистите плаќаат билборди во нивните соседства, но ги замаглуваат имињата и фотографиите на коментаторите.

Зад проектот стои Criola, непрофитна организација која ги штити правата на црните жени во Бразил. Црнците се малцинска група во Бразил, а во 2010 година сочинувале 7,61 посто од вкупното население.

Кампањата започнала откако кон бразилската новинарка Maria Julia Coutinho биле упатени расистички коментари на Facebook.

Coutinho, која е прва презентерка од црнечката раса на бразилска национална телевизија во ударен термин, поправила свој колега водител, кој погрешно употребил збор, во живо во јули. Кога друг портал за вести ја пофалил нејзината точна употреба на терминот, на Facebook започнала бура од коментари против неа, а корисниците ја навредувале на расна основа.

Со проектот се објавуваат тие коментари како потсетување дека виртуалното злоупотребување може да има големо влијание во вистинскиот свет.

„Ги криеме имињата и лицата на авторите на коментарите, бидејќи немаме намера да експонираме некого. Сакаме само да ги едуцираме луѓето, за во иднина да размислуваат за последиците пред да објават расистички коментар“, пишува во описот на проектот.

Извор: Business Insider