[Радио МОФ@Way Out West] Дождот не ги попречи фановите да се забавуваат цела вечер

Вториот ден од Way Out West започна, но поради целодневните врнежи изгледаше како да сме ги налутиле боговите на некој начин. Сепак, публиката се забавуваше од почетокот до самиот крај на вечерта.

James Bay беше првиот ,,хедлајнер’’ за овој ден. Преку неговиот настап и неговите песни се погрижи за добра почетна атмосфера. Откако неговиот настап заврши, публиката уште ги потпевнуваше неговите песни, што е знак дека имал успешен настап.

Дојде време за малку хип-хоп музика на сцената на вториот ден од Way Out West, и тоа директно од ,,западниот брег’’ од Америка. Раперот G-Eazy имаше енергичен настап на Azalea, втората по големина сцена на фестивалот. Преку одличниот контакт со публиката што го имаше, придонесе за ,,раздвижување” на целата атмосфера и го донесе фестивалот едно ниво погоре од вчерашниот ден. Тој, исто така го ,,искористи’’ својот настап и за политички цели преку неговата нова песна, насловена ,,Fuck Donald Trump’’.

,,Расизмот припаѓа на минатото, не на иднината. Да не дозволиме овој човек да изгради ѕидови меѓу нас. Ние сакаме да сме сплотени. Ние не сакаме ѕидови“, рече G-Eazy во текот на неговиот настап.

Следна на Flamingo – најголемата сцена на Way Out West, настапи бонд девојката Grace Jones со дефинитивно најтеатралниот перформанс досега на фестивалот. Започна со наметка и маска, продолжи само со body paint на нејзиното тело. Така ,,облечена’’ и на екстремно високи потпетици, тешко е некој да познае дека има 68 години. Заедно со нејзиниот извонреден вокал, ни подари прекрасен визуелно-музички спектакл.

На сцената на Way Out West имаше можност да настапи и миленичката на шведска публика – Zara Larsson. Нејзините песни се преслушани близу 500 милиони пати на Spotify, затоа и не бевме изненадени што публиката ги знаеше сите наизуст. Им се заблагодари на фановите за поддршката и истакна дека 2016та година е нејзина најдобра година досега.

Моќни настапи исто така имаа и шведите The Tallest Man On Earth и The Libertines. Првите имаа поинтимен настап пред домашната публика, додека пак вторите, The Libertines, беа пречекани со најгромогласниот аплауз досега на фестивалот. Во момент на возбуда, пејачот Pete Doherty ја фрли својата гитара меѓу публиката.

Креативната и моќна PJ Harvey настапи со својот бенд како оркестар, со труби и тапани. Публиката ги пееше заедно со неа големите хитови како Down By The Water, To Bring You My Love, Chain Of Keys и многу други.

За жал, пред нас е третиот, последен ден од Way Out West сагата. Не очекува многу добра музика. Шведските Seinabo Sey и The Deportees се едни од имињата кои гарантираат забава за шведската публика. Она кое што ние со нетрпение го очекуваме се настапите на Massive Attack и на едната и единствена Sia.

Во продолжение, погледнете ја дел од атмосферата, Stay tuned!

Сара Габриелсон и Ана Ристевска