Радио МОФ@МОТ: „Сослушување“ продира во културен пејзаж различен од нашиот

Во соработка со МКЦ, добивме пристап до четири од претставите кои ќе играат на овогодинешното издание на театарскиот фестивал Млад отворен театар. Како најава за фестивалот, го објавуваме третиот од серијата текстови на Атанас Димитров и Јована Ѓорѓиовска, преку кои сакаме да Ви ги доближиме претставите кои ќе бидат изведени на фестивалот. Текстовите се наоѓаат на пола пат меѓу критичкиот, рецензиски пристап и личниот осврт, перцепција за театарските дела.

Во строгиот женскиот интернат на еден универзитет во Техеран, се шушка дека студентка го прошверцувала својот дечко во својата соба. Некој поднесува пријава до универзитетските власти. Се свикува сослушување. Редарката која е задолжена за клучот спроведува распит на кој можат да и позавидат многу полициски служби. Се организира сослушување.

„Сослушување“, чиј автор и режисер е Амир Реза Коохестани, се изведува од страна на театарската трупа Mehr, од Иран.

Уште во првите минути на претставата добивате претстава за тоа што да очекувате од ова дело. Сцената е празна. Светлото е минимално. Неда (Аинар Азархуш), студентката обвинета за наводниот инцидент, стои сама пред публиката, непокорна, гневна. На прашањата одговара кратко, отсечно, со очигледно поведение на човек кој не сака да биде во собата и не верува во правичноста на распитот. Сослушување е една од тие претстави каде целото дејство е фокусирано на чиста драма. Полека, дел по дел, перцепцијата на гледачот се заматува од обвинувањата, сведочењата, исказите на  обвинетата, сведокот, распитувачката. Се менуваат детали во изјавите, нови моменти излегуваат на видик, времето станува флуидно. Вистината станува флуидна. Расплетот, исто така. На сцената се појавуваат дополнителни елементи: фотографии, видео снимки, пренос во живо од самата претстава. Сите овие материјали служат за уште подлабоко да ве повлечат во вителот на Сослушување, мрачната атмосфера и кафкијанската природа на дејството.

Коохестани внимателно гради цел еден мал свет околу гледачите. Истовремено, умешно и дава шанса на публиката да продре, барем на еден момент, во еден културен пејзаж кој по многу работи се разликува нашиот и да се соживее со него.

Ликовите, уверливо напишани, без да знаат ги плетат своите судбини околу себе. Се врзуваат како Гордиев јазол и остануваат, секоја на свој начин, заробени во едниот настан кој, навидум мал и неважен, ќе ги прогонува до крајот на нивните животи.  За овој впечаток, во  голем дел се заслужни и актерките, кои успеваат уверливо да внесат живот и емоции во ликовите кои ги играат, без притоа да изгледаат изсилено. Азархуш, во својата улога на главниот лик, е особено умешна, одлично канализирајќи го внатрешниот немир видлив во нејзините гестови како антитеза на ладниот начин на кој комуницира со сите останати ликови во претставата.

Единствената забелешка која може да се даде на претставата е тоа што се забележува едно очигледно намалување на интензитетот на дејството, граден во првата половина од Сослушување. Тоа не значи дека останатиот дел од претставата се „вози“ на инерцијата од почетокот, но можеби е нереално и да се очекува атмосферата да остане на истото ниво на стакло пред кршење каква што е на почетокот. Сепак, оваа забелешка не треба да Ве спречи да ја гледате „Сослушување“. За квалитетот на драмата, за одличната актерска игра, за дејството кое ве вовлекува навнатре, топло ја препорачуваме „Сослушување“.

Претставата „Сослушување“ ќе се изведува овој понеделник, 2 октомври, од 20:00 во МКЦ. Повеќе информации за програмата на МОТ можете да најдете на : http://mot.mk/