Радио МОФ од Мелт: Опуштена фестивалска вечер исполнета со шарм и енергија

По еуфоричното отварање на фестивалот следеше вистинско уживање. Вториот фестивалски ден го отворивме во поопуштена атмосфера со електронското  дуо Honne. Момците од Англија со своите милозвучни соул мелодии ги размрдаа рано пристигнатите посетители и го поставија тонот на вечерта.



Во сличен стил продолжија и девојките од Warpaint, кои сиот својот шарм и енергија преку нивните хармонични рок песни успешно ги пренесоа на публиката која прилично задоволна им возврати на истиот начин.



Вечерта стануваше се подобра и подобра. Нареден изведувач кој го слушавме беше младиот изведувач Sampha. Беше јасно дека тој е миленик на публиката, која во еден глас, заедно со него, ги пееше сите песни.

Hercules and love affair со нивната несекојдневна привлечност ги собраа најоткачените фестивалџии. Меѓу нас, во ритамот на нивниот диско хаус, мрдаа перики, светки, бради, хулахопки, штикли, мускулести мажи. Замислете си нешто откачено. И тоа беше на овој настап. Овој музички проект ги размрда и најупорните стојачи на Medusa стејџот.

Најпосетен настап до сега беше оној на Bonobo. Неговиот препознатлив стил имаше трансцендентно  дејство врз публиката, па така, во еден ритам играа илјадници луѓе. Многу од нив гушкајќи целосни странци. Музички беспрекорен настап.

GusGus, кои имавме можност да ги видиме во Скопје оваа година приредија реприза на нивниот беспрекорен настап. Истите нешта кои можевме да ги видиме во Скопје беа присутни и овде: еуфорија, насмеани лица и многу танцување.

Вториот фестивалски ден го затворија диџеите Tale of Us и Dixon. На нивните техно звуци најупорните продолжија да се забавуваат до раните утрински часови.

За Радио МОФ од фестивалот Мелт во Германија, Сања Стефановиќ и Марко Димитровски