Работилница: „Зборови, сенки, идеи – Платоновиот стил, јазик и мисла како преведувачки предизвик“

Филозофското друштво на Македонија и Здружението на класични филолози „Антика“ денеска во 14 часот организираат Работилница: „Зборови, сенки, идеи – Платоновиот стил, јазик и мисла како преведувачки предизвик“. На неа ќе и претходи и трибината на тема: „Философијата и книжевните облици“.

Модератори на работилницата се: проф. д-р Елена Џукеска и доц. д-р Јасмина Поповска. Предмет на дискусија на Работилницата ќе бидат неколку места од Платоновиот опус: „Гозба“ (210e1–211d8), „Фајдон“ (65d4–66a10), „Држава“ (508d4–509a10) и „Парменид“ (134e9–135c7).

На Работилницата низ интерактивна анализа на неколку пасуси од Платоновите дела ќе се дебатира за проблемите и предизвиците со кои се соочуваме при пренесувањето на специфичните одлики на Платоновиот стил, јазик и мисла во процесот на преведување. Посебен акцент ќе се стави на синтаксичкиот и семантичкиот аспект на преведувањето, односно на аспектот на верно пренесување на мислата воедно со верно пренесување на стилските изразни средства на авторот.

Панелисти на трибината пак се проф. д-р Иван Џепароски, проф. д-р Весна Томовска и проф. д-р Владимир Мартиновски.

Настаните ќе се одржат на 14 март (среда) на Филозофскиот факултет во Скопје. Трибината започнува во 10 часот, во Свечената сала на Факултетот, додека Работилницата во 14:30 ч. во Библиотеката на Институтот за филозофија.