Работилница и изложба: Врвна колекција на АКТО сеќавања и иднини 2006-2015

Работилница од областа на современата култура и активизам „Врвна колекција од АКТО сеќавања и иднини“, ќе се одржи на 29 и 30 јули во Интимнниот театар во Битола.

Ова е последна од циклусот од четири работилници во Битола кои се посветени на размислувањата и преклопувањата за современата уметност и активизмот во локалниот контекст се спроведува во рамки на проектот „Мобилна култура – солидарни граѓани“ на Центарот за современи уметности – Скопје во партнерство со ФРУ – Факултет за работи што не се учат, Битола.

На неа ќе се направи обид за сублимирање на стекнатите знаења од изданијата и темите што ги обработувал АКТО фестивалот за современа уметност изминатите 9 години (2006-2014), како тоа се рефлектира во денешен контекст и која е релевантноста на продуцирањето на еден културен настан од овој тип врз локалната заедница. Циклусот работилници ќе биде заокружен во заедничка изложба со наслов „Врвна колекција на АКТО сеќавања и иднини 2006-2015“. Целта е преку заедничка/колективна работа да се преиспитаат механизмите на продуцирање на современа и независна култура. Резултатот од оваа работилница ќе биде изложен за време на годинешното, десетто издание на АКТО фестивалот во Битола.

Првата работилница од оваа серија се одржа во март во Битола со наслов „Сѐ може да биде уметност, сѐ може да биде активизам“.  Втората и третата работилница го носеа насловот „Фотографијата како медиум за граѓанско делување“. Во текот на колективната работа со околу 15-тина учесници се обработуваа теми што се важни за локалниот контекст како јавните простори и како локалните политики влијаеле на нив, потоа аспектот на современата култура и начините за нејзина продукција во локален контескт, темите како чoвекови права, права на маргинализирани заедници и сето тоа обработено низ современа култура и уметност како форма на изразување/делување.

Идејата на проектот „Мобилна култура – солидарна публика“ е преку взаемна соработка да се дојде до слободна уметничка продукција, креирана од, во и за локалните средини, да овозможи и континуитет на важните и веќе започнати процеси и да ја зајакне граѓанската самодоверба и раст на сеуште фрагилните, малубројни јадра на публика во Скопје, Кавадарци и Битола, кои во изминатиот период делумно или целосно гравитираат кон активностите на Мобилната/Монтажна галерија, и неколкуте граѓански организации партнери на овој проект. Спроведувањето на проектот „Мобилна култура – солидарни граѓани“ на Центарот за современи уметности е поддржано од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го реализира Фондацијата Отворено општество – Македонија.