Првиот ден без автомобили во Париз го намали загадувањето на воздухот и бучавата

Забраната за моторни возила, која важеше за само 30 посто од површината на франускиот главен град, покажа охрабрувачки резултати. Сепак, новите извештаи покажуваат дека земјата има долг пат до чиста и здрава средина.

Парискиот ден без автомобили минатата недела придонесе за огромен пад на воздушното и звучното загадување, поради што градоначалничката планира повеќе денови без возила во главниот град на Франција.

Airparif, здружение кое ги мери нивоата на загадување во големите градови, велат дека нивото на азот диоксид се намалило за 40 посто во делови од градот во недела, 27 септември.

Имало речиси третина помалку загадување од азот диоксид на прометните Елисејски полиња за разлика од вообичаена недела.Крај Сена во градскиот центар, нивоата опаднале за речиси 40 посто.

Bruitparif, кои мерат бучава, велат дека нивоата на звучно загадување опаднале за половина во градскиот центар.

Властите и здруженијата за заштита на животната средина сметаат дека денот без возила бил голем успех, и покрај разочарувањето што полицијата одби забраната да важи за целиот град.

Градоначалничката на Париз, Anne Hidalgo, која намалувањето на загадувањето во Париз го смета за најголем приоритет, вели дека се надева дека ќе воведе редовна забрана за возила на ниво на цел град.

„Би можеле да воведеме денови без возила почесто… Можеби дури и еднаш во месецот“, напишала на Twitter.

Во март, пораст на отровните материи во воздухот накратко го претвори Париз во најзагадениот град на светот. Штетниот смог беше толку густ, што сосема го покри најпознатиот споменик на градот, Ајфеловата кула.

За неколку недели, светските лидери во Париз ќе одржат конференција за климатските промени, за која се смета дека ќе биде најголема досега.

Иако и претседателот на Франција, Франсоа Оланд, смета дека ова е „последна шанса за климатските промени“ и дека „интернационалната заедница има обврска да успее во оваа битка“, Франција е далеку од незагадена.

Во извештајот за 2014 година на Airparif, пишува: „И покрај добрите метеоролошки услови за квалитетот на воздухот во 2014 година, 2,3 милиони Французи сé уште се изложени на нивоа на загадување кои се спротивни од правилата, особено во случајот на честиците на олово и азот диоксид. Оние кои живеат во регионот на Париз и блиските прометни патишта се најизложени на загадувањето“.

Во извештај на Францускиот Сенат (горниот дом на Парламентот), наведено е дека загадувањето на воздухот ја чини Франција 101,3 милијарди евра поради лошото здравје на жителите, економските и финансиските последици.

Извор: Guardian