„Првиот човек“ откриен во Етиопија

Научници открија човечка вилична коска во Етиопија, која според нив му припаѓа на еден од првите луѓе. Коската е стара 2.8 милиони години и таа е за 400.000 години постара од времето во кое научниците досега мислеа дека првпат се појавил човечкиот вид.

Откритието сугерира дека е можно климатските промени да го забрзале преминот на луѓето од животот на дрвјата во суштества со исправен од, кои живеат на земја.

Предводникот на тимот научници во изјава за BBC вели дека ова откритие нуди „прв поглед во еден од првите важни премини во човековата еволуција“.

Професорот Brian Villmoare од Универзитетот на Невада во Лас Вегас вели дека откритието значи директна врска со легендарниот наод – Луси, 3.2 милиони години стариот фосил од хоминин (човеколик примат), пронајдени во истиот регион во 1974.

Научниците сега бараат доказ дека видот на кој му припаѓала Луси, Australopithecus afarensis, еволуирал во првите примитивни луѓе. Пронајдениот фосил е лева страна од долна вилица, заедно со пет заби. Задните заби се помали од оние на другите фосили на хоминини пронајдени во регионот и тоа е една од карактеристиките која ги одделува луѓето од нивните попримитивни предци.