„Прва читачка проба“ за послободен, похрабар и активистички театар

Може ли (или треба?) театарот да биде расадник на социјални идеи, движења и пораки? Дали е улогата на актерот да поттикне на размислување, да критикува, или пак само – да забавува? Има ли начини да се биде погласен од „мејнстрим“ (не)културата и да се надмине цензурата, но и да се заработи лебот додека го вртиш грбот на пропагандната машинерија? Токму на овие теми вчера вечер дискутираа актерите и актерките од Театарот за деца и младинци, на „Првата читачка проба“, настан организиран во рамки на „Хекса мега роденденот“ на Радио МОФ.

„Во нашиот актерски код, некаде е запишано дека ние треба да сме критика на општеството. Ти си станал актер затоа што на некаков начин си различен од другите и имаш да кажеш нешто. Особено во денешно време, кога политиката максимално ти влегува во порите и ти го подјадува тоа за коешто ти се бориш и работи. Јас тоа го сфаќам како обврска, да бидам критичен кон тоа што не чини во општеството“, вели актерот Мартин Јордановски.

Она што си на сцената, и личноста која си кога ќе го соблечеш костимот и ќе се симнеш од штиците, неговата колешка Симона Спировска смета дека е невозможно да се оддели.

„Ние не сме подвоени личности, немаме различен живот. Нашите ставови се тие, и кога сме на сцена и кога сме надвор од неа. Веројатно тоа излегува негде, без разлика каква претстава играме или какви ни се репликите, секогаш прострујува нашиот став“, смета таа.

Тие и нивните колеги, во Театарот за деца и младинци, но и во проекти настрана од него, велат дека секојдневно се соочуваат со препреките поради ставовите кои, помалку или повеќе ги искажуваат. Уцени, недостаток од реквизити и места во театрите, ретки покани за гостување на театарски фестивали, па и „случајно“ снемување струја пред претстава се само дел од препреките со кои тие велат дека се соочувале, како отворени критичари на театарот кој се сервира во институциите, но и на власта. Сепак, веруваат дека како актери имаат одговорност и понатаму да туркаат за една поголема улога на театарот, кој за жал денес публиката во Македонија го сфаќа најчесто како рекреација и начин да се помине слободното време.

„Историски, не само во глумата, туку во сите уметности, уметниците биле револуционери. И сега денеска некако доаѓаме во ситуација поради нашите сфаќања, да добиеме печат дека сме на некаква политичка страна. И ние имаме право да (не) се согласуваме со некои работи во општеството, и баш заради тоа сметаме дека треба тоа да остане така – уметниците да бидат оние кои ги туркаат работите напред и да носат промени“, заклучува актерот Мики Анчевски.

Јордановски вели дека цензурата и притисоците, иако се бариера, понекогаш знаат да бидат и поттик.

„Многу од уметниците кои имале различно мислење од моменталната власт и коишто биле малтретирани, уценувани и затворани, всушност во тој период го достигнале својот врв. Јас не велам дека треба некој така да не третира за ние да го достигнеме својот врв, но тоа е нешто што кажува дека уметникот не можеш да го запреш да твори. Ако е вистински уметник не можеш да го затнеш, смао можеш да го поттикнеш уште повеќе“, подвлекува тој.

Ненад Митевски сугерира дека како актери имаат слобода да го искажат своето мислење, но надвор од институциите и конкретно театарот. Смета и дека ниту еден од директорите на поголемите театри нема слух за актерите со кои работи, а во Театарот за деца и младинци имаат многу проблеми – од недостаток на сценографи, костимографи и маркетинг директор, па се до едноумие при одлучувањето за репертоарот.

Наташа Петровиќ вели дека особен проблем со публиката во Македонија, особено помладата, е што се проткајува некое мислење дека театарот треба да биде лесен и забавен, дека е начин да се поминува слободното време, а не дека има за задача да критикува и да тера на размислување.

Актерите потенцираат дека театарот е тимска работа, ланчан систем. Ако било која од тие алки не функционира, театарот не функционира. Велат дека тие се уште се борат за нормална комуникација со нивните претпоставени, а тим со кој успешно би извеле продукција на една претстава немаат, иако се театар стар 25 години. Додаваат дека поради недостаток од еден сценски работник, веќе четири месеци не можат да играат претстава која инаку им е на репертоарот.

Анчевски смета дека дури и кога публиката не се согласува со она што е прикажано во нивните претстави, за нив е успех ако луѓето дојдат, ја гледаат и дискутираат за неа, иако понекогаш и со негативни критики.

„Тоа значи дека театарот има ефект, тогаш е продуктивен и постигнал некаква цел. Ако публиката си оди од претставата и ѝ е сеедно, тогаш мислам дека не сме постигнале ништо. А кога публиката е незадоволна, пак сме ја натерале да размислува и тоа е она за што цело време дискутираме и се трудиме“.

За тоа дека театарот во Македонија се користи како канал за ширење пропаганда и за директните притисоци кои ги трпат уметниците кои не се согласуваат со „пошироката агенда“ на Министерството за култура, велат дека се трудат  да се спротивстават на тоа, но не секогаш ги имаат ресурсите за тоа.

„Ние сакаме да бидеме тие што критикуваат и да има одговор на тоа што го критикуваме, а другите да го поддржуваат тоа што ние сме го направиле. Кај нас е обратно, кај нас едни актери се инструмент на власта, а ние треба да наоѓаме начини кои се мали и се изблици да го критикуваме тоа што го прават некои театри и тоа што власта го прави“, заклучува Спировска.

Стефанија Тенекеџиева