Прв роденден на Автономниот културно-социјален центар

Со 159 настани, 15 изложби и уметнички перформанси, 13 поетски и книжевни вечери, 40 проекции и голем број дискусии, Автономниот културно социјален центар во Скопје (АКСЦ), утре (29 ноември) ја одбележува првата година од формирањето.

Според членовите на АКСЦ, нивното најголемото очекување е исполнето, а тоа е центарот да биде автономен и самоодржлив.

Петнаесетина инспирирани и посветени луѓе, во своето слободно време се грижат и се вклучени во одржувањето на центарот, вели за Радио МОФ Ѓорѓе Ѓорѓевиќ, еден од активистите во АКСЦ.

„Се уште најголемо задоволство ми остава енергијата и инспирираноста на луѓето кои се вклучени во одржување и водење на АКСЦ, но и фактот што центарот издржа една година, стана препознатлив и има своја редовна публика и поддржувачи“, вели Ѓорѓевиќ.

Прославата на роденденот ќе започне во 20 часот, со групната изложба на македонски уметници кои досега изложувале во просторот под наслов „Без концепт 2.0“, како и театарскиот перформанс: „ЌЕ ИМА (ЛИ) ВОЈНА – рече уметникот“ на Ивана Атанасова.

Во текот на целата вечер ќе се одвива и отворена џем сесија на Филип Димишковски – клавијатура, Александар Ников – електроникa, Димитар Ивановски – контрабас, во кој може да се вклучи секој кој ќе донесе инструмент и желба да свири.

Покрај ова ќе биде прикажана и историска ретроспектива на настаните во АКСЦ низ фотографии, а ќе има и штандови преку кои ќе се претстават различните иницијативи кој функционираат во центарот.

Воедно со одбележувањето на својот роденден на овој ден, АКСЦ го поддржува и интернационалниот ден „не купувај ништо“(buy nothing day), кој претставува своевиден протест против консумеризмот и се одбележува традиционално секоја година насекаде во светот , а е една од вредностите за кој Центарот се залага.

Сепак, според Ѓорѓевиќ сега е важно АКСЦ да го користат што е можно повеќе граѓани бидејќи основната идеја зад Центарот е да се создаде еден отворен простор кој е достапен за секој што има идеја и сака да реализира некаков настан.

„АКСЦ и понатаму ќе продолжи да функционира на исти принципи како и до сега. Автономно, самоодржливо, помогнат пред се од енергијата на луѓето кои веруваат во овој концепт на функционирање и организирање. И јас се надевам на нови лица и многу побогата програма и повеќе настани“, рече Ѓорѓевиќ.

Просторот на АКСЦ изминатава година редовно го користеа неколку движења и граѓански иницијативи за нивни редовни состаноци како„Солидарност“, „На точак“, „Кооператива за органска храна“, „Унавижн“. Во центарот два пати неделно се држат и часови по јапонски кои се целосно бесплатни, а секоја втора сабота се одржува и „book club“. Изминатата година центарот успеа да опстане благодарение на донации кои се собираат на нивните настани, како и преку големите фандрејзинг настани што АКСЦ ги организираше во текот на изминатата година.