Прв поголем весник со поддршка за Трамп

Лас Вегас Ривју – Журнал е првиот голем американски весник кој официјално го поддржа републиканскиот кандидат Доналд Трамп во трката за претседател на Соединетите Американски Држави.

Додека Трамп губи доверба на националните анкети, ова се позитивни вести за неговата кампања. Весникот кој го поддржа е највлијателен во Невада, една од клучните држави – која двата кандидати се надеваат дека ќе ја освојат на изборите кои се одржуваат за две недели.

Дневниот весник со околу 200 илјади читатели го опишува Трамп како одговор на американската „фрустрација од политичките институции кои владеат со нацијата“.

„Тие гласно бараат алтернатива на опасните конекции и атмосфера која доминира во Вашингтон. Гледаат голем број лобисти, избрани службеници и вкоренети интереси кои манипулираат со темелите на моќта за нивно сопствено богатење на сметка на обичните граѓани“, пишува во уредничкиот коментар на весникот.

Весникот признава дека Трамп има многу недостатоци, но сепак го преферираат во споредба со демократскиот кандидат, Хилари Клинтон.

„Господинот Трамп преку импулсивноста и вжештената реторика оддалечи многу гласачи. Имаше проблеми да се справи со критиките и би било добро да ја открие моќта на понизноста. Но, ниту еден од кандидатите нема да биде повикан на подиум да прими награда за моралност или карактер, а ние веќе сме загрижувачки запознати со начинот на Клинтон, кој вклучува претворање на јавната служба во оргија на користење на политичкото влијание дизајнирано за полнење на сопствените џебови – точно тоа за што разочараниот електорат протестира“, пишува во поддршката за Трамп.

Претседателскиот кандидат на републиканците преку твит се заблагодари за оваа ретка медиумска официјална поддршка на неговата кандидатура.

Последните анкети покажуваат дека Клинтон води на национално ниво пред Трамп со 12 проценти разлика.