Прв академски час на ФОН, претставен новиот ректор Камбовски

Универзитетот ФОН ја започна 11-та академска година на деветте факултети. Пред повеќе од 800 бруцоши кои ќе студираат на одделенијата во Скопје, Струмица, Струга и Гостивар се изврши и промената на ректорската функција, со која академик Владо Камбовски стана нов ректор на универзитетот.

Прв академски час на ФОН

„Универзитет и кадарот кој успешно раководи веќе 10 години е спремен да направи нова историја во високото образование во Република Македонија. Да се наметне како сериозен високообразовен бренд кој ќе го освои регионот и ќе биде препознатлив по својот квалитет во науката но и конкурентен во сите циклуси на образование, преку создавање на способни дипломци, магистри и доктори на науки што ќе допридонесуваат во сите сегменти од професионалниот живот“, истакна во својата поздравен говор потпретседателот на ФОН Сефер Цаноски.

Новиот ректор Камбовски се осврна на темелите на академизмот кои нашата држава ги има повеќе од 1000 години, како и на визијата каде ќе се движи ФОН како универзитет кој претендира да стане регионален центар за високо образование во наредните пет години.

„Посветеноста и ентузијазмот на сите учесници во високообразовниот процес на универзитетот – студентите, професорите, вработените е основен предуслов но и најсилна гаранција за успешно остварување на таквите задачи. Се надевам дека сите заедно ќе можеме да одговориме на очекуваните предизвици“, истакна Камбовски.

Извор