Проверете ја работата на вашиот градоначалник преку новата база на БИРН

Македонските градоначалници предизборно ветувале брда и долини, додека по четири години голем дел од тоа го нема во реалноста. Ова го покажува новата база на податоци на БИРН наречена „Општини под лупа“, во која се анализира работата на градоначалниците на сите 80 општини и Градот Скопје во последниот четиригодишен мандат.

Нивното истражување покажува дека градоначалниците, во сите општини, не реализирале ниту половина од планираните капитални проекти. Додека новинарите утврдиле 72% реализација на сите општински буџети, кај буџетите за капитални инвестиции регистрирале само 47% реализација, односно од вкупно планирани 762,6 милиони евра, реализирани биле само 356,5 милиони евра.

Заклучокот на БИРН е дека останатите 53% нереализирани капитални проекти се погазени ветувања за изградба на патишта, водоводи, канализации, училишта, болници, паркови и други капитални инвестиции кои политичарите ги испишале во своите изборни ветувања и годишни буџети.

„Базата на податоци „Општини под лупа“ дава целосен преглед на сите ветени приоритетни проекти и што се случило со нив во овој мандат од четири години. Оваа база на податоци им пркоси на политичарите што играат на картата на кратко помнење на народот и е алатка што ќе им послужи на граѓаните да ги детектираат лажните ветувања и соодветно да ги санкционираат“, велат од БИРН.

На порталот „Општини под лупа“ интерактивно се прикажани главните ветувања и трошењето на буџетите за секоја општина посебно, па така секој граѓанин може да провери колку градоначалникот на неговата општина реализирал од ветеното и како управувал со општинскиот буџет.

Според податоците на БИРН, кога капиталните инвестиции ќе се споредат со бројот на жители на секоја од општините, најмногу средства по глава на жител биле одвоени во Новаци, Македонска Каменица, Петровец, Центар и Илинден, а најмалку во Арачиново, Врапчиште и Сарај.

Уделот на капиталните инвестиции во вкупните буџети, кој покажува која општина колку продуктивно ги трошела парите на граѓаните, покажува дека најмногу од вкупниот буџет за капитални инвестиции се одвојувало во Пласница, Петровец, Новаци, Центар и Македонска Каменица, додека најмалку продуктивно парите ги трошеле општините Арачиново, Струга и Тетово.

Општина Арачиново најмалку одвојувала од буџетот за капитални инвестиции

БИРН вели дека приоритет во програмите на градоначалниците се давало на инфраструктурата, но, во кулминацијата на кампањата, без да се води сметка дали тоа е остварливо или не, се ветувале и зоолошки градини, филмски градови, трамваи, луна паркови па и нови фабрики и работни места. Четири години подоцна, оценувајќи го реализираното наспроти ветеното, БИРН утврдиле дека најкрупните проекти од предизборните програми останале нереализирани.

„Она што е карактеристично е што кога кандидатите за градоначалници ветуваат проекти, секогаш наведуваат кратки рокови, за да ја нагласат својата ефикасност, но нашето истражување покажува дека кај повеќето ветени проекти доколку се реализирани, роковите се пробиени. Ретки исклучоци се ветувањата на градоначалниците кои во 2013 година се бореле за втор или трет мандат, па ветувале проекти за кои знаеле дека се веќе започнати. Наидовме и на таканаречени „евергрин“ ветувања коишто ги има на сите политички избори во континуитет, заклучно со последните парламентарни избори. Така на пример, едно школо или градинка или пат се ветуваат на митинзите и во 2013 и во 2014 и во 2016 година, и сѐ уште не се изградени“, велат од балканската новинарска истражувачка мрежа.