Протестите, човековите права, загадениот воздух во Извештајот на ЕК

Условена препорака за почеток на преговорите со ЕУ доби Македонија со извештајот за напредокот од Европската комисија објавен денеска. Прислушувањето и сериозната политичка криза во земјава, слободата на медиумите, кршењето на човековите права, политизацијата и корупцијата се само дел од забелешките кои се најдоа во извештајот. Во него се споменуваат студентските и средношколски протести, загадувањето, односот на полицијата во време на протести.

Слободата за здружување е задоволителна, се наведува во извештајот, но слободата на собир е влошена. Притоа се забележува дека протестите на студентите, универзитетските и средношколските професори, новинарите и другите граѓански групи ескалирале како резултат на политичката ситуација и образовните реформи, за во мај да дојде до насилен судир меѓу полицијата и демонстрантите.

„Организациите кои ја следат состојбата на граѓанските права јавуваат дека полицијата користела прекумерна сила за зачувување на јавниот ред, и откако протестантите си заминале, продолжиле да апсат во околните области. Имаше загриженост дека некои од приведените немале никаква врска со протестите. Се чини дека има растечка зависност на кривичните прекршоци од тоа да се „учествува во толпа која извршува криминално дело“. Ова известување е отворено за интерпретација, што ја загрозува слободата на собир, со оглед на тоа што државата има обврска да ги заштитува мнозинството на мирни демонстранти, место да ги инкриминира“, стои во извештајот.

Европската комисија укажува и на новите амандманите на Законот за полиција со кои  се дозволи користењето електрични парализатори и гумени куршуми.

„Ваквата проширена моќ треба да биде избалансирана со придружна достапност до заштита на човековите права“, се појаснува во извештајот.

Во однос на образованието се посочува дека има умерен напредок во предучилишното образование и во делот со прераното напуштање на училиштата. Забелешки се даваат за достапноста до квалитетно образование за децата од помалите, рурални заедници и децата со посебни потреби. Во извештајот се споменува и одложувањето на крупните образовни реформи поради масовните протести, а се укажува на потребата од усогласување на стручните програми со барањата на пазарот на трудот.

Во делот на заштитата на животната средина пак ЕК бележи одреден прогрес во легислативата, при што се препорачува имплементирање на националното законодавство и зголемување на инвестициите, пред се во секторите отпад и вода.

„Нивото на загадувањето на воздухот останува високото. Тоа претставува сериозен ризик за здравјето и треба итно да се обрне внимание. Спроведување на мерките утврдени во националниот план за заштита на квалитетот на воздухот и понатаму е ограничено и недоволно, иако беа имплементирани некои општи мерки. Објавувањето и ширењето на информации за квалитетот на воздухот на податоци се подобрува“, стои во извештајот.

Сериозни критики се упатуваат поради дискриминацијата на ЛГБТИ-лицата, како и за хомофобичните содржини во медиумите. Делот од извештајот на ЕК пак кој се однесува на медиумската состојба нотира дека слободата на изразување останува сериозен предизвик во услови на актуелната медиумска култура и политичка клима, а земјата продолжува да назадува во овој дел и во текот на изминатата година.

Извештаите за напредокот во евроинтеграцијата на земјите од Балканот беа објавени со едномесечно задоцнување. Зависно од спроведувањето на Договорот од Пржино, итните реформски приоритети и изборите, напролет Европската комисија ќе треба да реши дали ќе ја повтори препораката на Македонија за почеток на преговори со ЕУ.