Протестирам: Во 18 часот на улица против фашизмот во општеството

Петта недела по ред во Скопје продолжуваат протестите на неформалното движење Протестирам, кои се активираа откако претседателот Ѓорѓе Иванов објави општа аболиција за сите политичари против кои има истрага во СПецијалното јавно обвинителство. Денеска протестот е со акцент на победата над фашизмот и фашистичките елементи во македонското општество.

„ На 9 мај, протестираме против режимот кој убива и крие убиства, тепа, апси и заплашува, мести избори, ги задушува независните медиуми, ја ограничува слободата на информирање, ги потиснува и понижува работничките и работниците, и ги востоличува непотизмот и корупцијата.

Денес, секој од нас извикува #Протестирам! против селективна правда, против донесувањето закони со кои сè е најстрого забрането, но само за оние кои не се дел од партиската врхушка. #Протестирам за општество во кое владее правото, а не за општество во кое власта се пресметува со „непокорните“ злоупотребувајќи го правото.

Денес извикуваме #Протестирам! и против загушувањето на критичката мисла, против понижувањето на образовните и културните работници и работнички, против силеџиското претворање на образованието и културата во слуги на властодршците, против поделбите на „наши“ и „ваши“, на „патриоти“ и „предавници“ зависно потребите на режимот.

#Протестирам затоа што нè одродија, раскараа и поделија за полесно да нè манипулираат.

Извикуваме #Протестирам! и против злоупотребата на моќ во правосудството, каде оние што се спротивставуваат на режимот завршуваат во затвор или притвор, додека врхушката за која имаме докази дека извршила безброј криминални дела е недопирлива“, се вели во најавата за денешниот протест.

Зборното место останува исто, во 18:00 часот пред СЈО.