„Протестирам“ со марш се враќа на улица

Со протестен марш за правда и слобода, кој утре ќе тргне од пред Владата, движењето „Протестирам“ се враќа на улица.  Еден месец по протестот за правда за Мартин Нешковски, каде беа повредени десетици лица и приведени голем број демонстранти, од „Протестирам“ најавуваат дека уште погласно и помасовно ја продолжуваат борбата против злоупотребите, насилството и неправдата.

„ Политичката криза во Македонија не е резултат на конфликт меѓу две политички партии туку таа е резултат на народното несогласување, на несогласувањето на граѓаните кон криминалната власт, кон корумпиранот политички систем кој придонесе голем број граѓани да бидат обесправени, оштетени и да се чувствуваат загрозени во својата држава“, истакна активистот Артан Садику на денешната прес конференција која се одржа пред читалната „Браќа Миладиновци“ , каде на протестот на 5 мај упадна полицијата и ги преплаши студентите.

Тој посочи дека се сомнева и во донесените пресуди за приведените демонстранти бидејќи, како што рече, судството функционира еднострано и со налози. На недовербата кон институциите укажа и Здравко Савевски од „Солидарност“.

„Ние сметаме дека оваа власт е нелегитимна и  дека ги користи и крши законите онака како и одговара, за да им наштети на оние кои се спротивставуваат на нејзиното владеење. Поради нашата недоверба во институциите ние не можеме да веруваме дека ако поднесеме барање до внатрешна контрола на МВР или кој било друг орган, дека тој орган објективно ќе ја процени ситуацијата. Сите институции се доведени до точка да го спроведуваат законот само ако им нареди извршната власт “, истакна Савевски.

На утрешниот протестен марш му претходеа неколку герила акции. Пред два дена активистите од „Протестирам“ симболично го блокираа делот за полетувања на аеродромот „Александар Велики“ каде со „потерници“ во раце и порака „Не ги пуштајте да ги избегаат“, потсетија на вакуумот креиран од политичките преговори.  Повеќе активисти од движењето пак денеска облечени во барокни костими направија перформанс на неколку места во Скопје каде држеа натписи со познати реплики на функционерите кои може да се слушнат на бомбите.