#Протестирам од Канада: Нема правда, нема мир

Група македонски граѓани организираа протестен собир пред македонскиот конзулат во Торонто, со кој побараа прочистување на избирачкиот список, избалансирано известување од националната МРТВ, и другите медиуми со национална концесија. Присутните искажаа поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство, со барање за формирање специјален суд којшто ќе обезбеди правично судење за сите обвинети, како и формирање на преодна, техничка влада која што ќе обезбеди услови и ќе спроведе слободни, фер и демократски избори.

Според демонстрантите, пријатно изненадување било тоа што, за време на собирот кој траел речиси два часа, имало многу членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, коишто не се согласуваат со политиката на актуелното раководство на нивната партија.

На протестниот собир присуствувале луѓе од неколку градови во провинцијата Онтарио и од американскиот град Детроит.

Неформалното граѓанско движење Протестирам најави дека протестите во Скопје ќе продолжат од денеска, во 18 часот пред СЈО, по кратката пауза за време на празниците. Фокус на протестот ќе биде, како што велат, на корумпираното и партизирано судство. Во Тетово, пак, протестот ќе започне во 19:00 часот, пред зградата на Основниот Суд.