Протестирам: Нема да не заплашат повици за информативни разговори

„Од оваа борба нема откажување! Нема да не заплашат заканите и притисоците! Нема да не заплашат повици за информативни разговори! Дознавме дека за утре е повикана Уранија Пировска. #Протестирам е прво лице еднина, но сите ќе бидеме солидарни се додека луѓе се под притисок на режимот. #Протестирам затоа значи и грижа за другите“, се вели во ФБ најавата на Протестирам за денешниот протест во Скопје, во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство.

„Продолжува хајката и репресијата на режимот против борците за човекови права, против нашето право на протест, против секој/a од нас. Нашите соборки Уранија Пировска и Мирјана Најчевска, едни од најактивните заштитнички на човековите права во Македонија, се повикани на информативен разговор во полиција заради нивните протестни дејствија против автократскиот и корумпиран режим.Продолжуваат мерките на заплашување врз слободната мисла, но тоа нас не јакне. Колку повеќе се обидуваат да не замолчат, толку повеќе не здружуваат и зајакнуваат. Нема да им помине, нашата порака е СТАВ НАМЕСТО СТРАВ – ЛИЦА НАМЕСТО МАСКИ!“, стои и во пораката на социјалните мрежи на страницата на Шарената Револуција.

Од неформалното движење Протестирам, кое повеќе од еден месец секојдневно излегува на протести против аболицијата, за оставка на претседателот Иванов, но и организирање избори кои ќе бидат фер и демократски, велат дека е време на активни граѓанки и граѓани „кои ќе ги зауздаат разулавените и одметнати институции“.

„Секојдневно упатуваме повик кон сите оние наши сограѓани и сограѓанки, особено до оние кои сѐ уште не се вклучиле во протестите, да се вклучат – тоа да го сторат на начин на кој што знаат и умеат и да ја врамат пораката како што тие мислат дека треба! Никој нема монопол на оваа борба, таа е на сите, насекаде и на долг рок! #Протестирам не е проект со ограничено времетраење ниту пак нечиј инструмент за постигнување некаква цел – тоа е нов менталитет на МОЌНИ граѓанки и граѓани, кои извикуваат ДОСТА Е, но и кои самите ја градат визијата за подобро општество!“, се додава во најавата https://www.facebook.com/events/647059212116384/за протестот денеска.

Протестите , додаваат, ќе траат се до исполнување на седумте барања на Протестирам и Шарената револуција.