Протести во Скопје и Тетово на иницијативата „Сите против ЕВН“

Иницијативата „Сите против ЕВН“ денеска од 13 часот најави протести во Скопје (од Чаирчанка) и во Тетово (градскиот плоштад).

„Ќе се достават барањата на граѓаните до ЕВН од двата совети од Скопје и Тетово! Во меѓувреме се надеваме дека ќе ни се придружат и Куманово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струга како и сите други градови кои не се задоволни со начинот на работа на ЕВН. Додека ЕВН им ја исклучува струјата на граѓаните и им ја вклучува со надоместок како и врши промена на броилата на насилнички начин, ние прекинуваме секаква комуникација со нив се до доставување на нашите барања согласно протестите кои ќе се одржат“, стои во повикот за протест.

Меѓу дел од барањата на „Сите против ЕВН“ е да не се пресметуваат на граѓаните 33,33% за ангажирана моќност. Потоа, броилата да бидат бесплатни – граѓаните да не плаќат за промена на броилата без разлика по кој основ истите се менуваат туку, велат тие, трошокот по истите да биде на товар на ЕВН Македонија

„Да се простат долговите или поголем дел од нив на сите граѓани а посебно на ранливите категории како што се социјални случаеви, самохрани мајки, итн. Во најмала рака да им се дозволи долгот да биде подмирен на рати без пресметана камата, нотарски или трошоци од извршител туку да се подмири само основниот долг. Да се најде решение за долговите на ранливите категории во соработка со општините и со државните органи кои се одговорни за оваа проблематика. Да се намали цената на електричната енергија согласно животниот стандард во Република Македонија, вклучувањето на електрична енергија да биде бесплатно, а новите трафостаници да бидат на товар на ЕВН, а не на товар на корисниците“, стоеше во дел од барања од иницијативата кои ги соопштија преку својата Фејсбук-страница.

Низ изминатиов период се одржаа неколку протести пред подружниците на ЕВН, од каде, пак, потенцираа дека се разгледуваат барањата и соодветно ќе се постапува во деловите што се однесуваат на работата и надлежностите на ЕВН Македонија.

„Во деловите кои не се во наша надлежност и не се адресирани до нас, како што се цената на електричната енергија, тарифи, тарифни ставки и сл. се на адреса на регулаторните тела кои се надлежни за тоа (Регулаторна комисија за енергетика н.з.)“, рекоа од ЕВН.