Протести во Аргентина за легализирање на абортусот

Илјадници Аргентинки протестираа пред Парламентот со барање за легализирање на абортусот и предупредија на ризиците по жените од нелегалните абортуси.

„Парламентарците треба итно да го променат законодавството. Годишно се извршуваат по 500.000 незаконски абортуси, и кај повеќе од 60.000 доаѓа до компликации“, изјави Марта Росенберг, една од организаторките на аргентинското Движење за поддршка на абортусите.

„Предлог законот за абортусите е во Парламентот веќе 12 години. Колку уште жени треба да починат или да страдаат од последици од нелегален абортус“, додаде таа.

За време на власта на Кристина Киршнер (од 2007 до 2015 година), Аргентина ги легализираше истополовите бракови и ги зајакна правата на транссексуалните лица, но поранешната претседателка беше против легализирање на абортусот под притисок на црквата.

Во Аргентина, абортусот е законски само во случај на силување и при опасност по животот на мајката.

(МИА)