Протести поради заклучувањето на „Студентскиот парк“ во Белград

Голем број студенти синоќа се собраа во „Студентскиот парк“ во Белград, револтирани од тоа што градските власти најавија дека паркот ќе се заклучува од полноќ до пет часот наутро, поради големата бучава на која се жалеле соседите.

Тие се организираа преку Фејсбук страница на која ги повикаа граѓаните да им се приклучат во одбраната на паркот. Младите за Блиц велат дека се разочарани од одлуката да се заклучува паркот, а дел од присутните во знак на протест се качуваа и на дрвата.

„Ни го одземаат местото каде што го поминуваме слободното време. Јас во овој парк пораснав и не можам да дозволам да не истераат тукутака“, вели Катерина Поповиќ, која на протестот дошла со нејзиното друштво.

Ова не е прв собир. Околу 300 луѓе во неделата исто така се собраа да протестираат бидејќи градските власти, без консултација со стручната јавност, исекоа неколку дрвја за да започнат со реконструкција на просторот. Најголем револт кај граѓаните предизвикаа најавите за изградба на подземната гаража во близина на паркот. Иако властите велат дека гаражата нема да го загрози паркот, граѓаните се сомневаат во ваквите тврдења.

„Некои паметни одлучиле да почнат да ни го заклучуваат омилениот парк, а некои уште попаметни од комуналната полиција, да го контролираат. Симпатично, но неостварливо. Улиците ни припаѓаат нам, парковите ни припаѓаат нам, Белград ни припаѓа нам!“- пишува на страницата на Фејсбук каде граѓаните се организираат за одбрана на паркот.