Протести и судири со полицијата во Атина непосредно пред референдумот

На само два дена пред референдумот на кој грчките граѓани ќе решат дали ќе прифатат финансиска помош за спас на Грција, паралелни протести ја зафатија Атина. Вчера во центарот на градот се собраа две спротивставени групи.

Околу 25.000 противници на програмата на меѓународните кредитори за излез од кризата се собрале на плоштадот Синтагма, каде им се обрати премиерот Алексис Ципрас. На 800 метри од таму, пред стадионот „Панатинаикос“, пристигнале околу 20.000 противници на оваа политика, кои на претстојниот референдум во недела ќе гласаат „за“ мерките.

На почетокот на протестите група млади почнале да фрлаат со камења, на што полицијата одговори со парализирачки гранати, уапси еден човек, а во еден момент беа фрлени и шок бомби, јавуваат грчки медиуми.

Откако во вторникот Грција не успеа да го исполни рокот до полноќ да ја подмири ратата кон ММФ од 1,8 милијарди долари, таа влезе во историјата на ММФ како прва развиена земја која не успеала да изврши навремена исплата на долг. Поради тоа, во моментов Грција не прима помош од Европа.

Според најновата анкета за престојниот референдум во Грција, мислењата на граѓаните се речиси подеднакво поделени за тоа како ќе гласаат.

Во меѓувреме, стотина протести низ Европа се одржаа во знак на солидарност за Грција со порака граѓаните на референдумот да го кажат своето „не“.