Протести денеска во Скопје, Штип, Битола, Струмица, Куманово, Велес

„Ние, кои протестираме низ улиците на Македонија во име на слободата, правдата и еднаквоста, здружени со сите слободо и правдољубни сили во општеството под знамето на заедничката борба за ослободување од корумпираните деспоти кои нѐ доведоа до работ на целосна пропаст, повторно повикуваме на масовен протест.“

По вчерашната пауза од еден ден, иницијативата Протестирам најави нов протест денеска (18 април) во 6 часот попладне, кој како и претходните денови ќе започне пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје (кај студентскиот дон Кузман Јосифовски Питу).

Освен во Скопје, во истото време ќе започнат и протести во Штип пред Основниот суд, во Струмица, кај малиот парк, во Велес кај кружниот тек Авона. Еден час подоцна, во 19 часот, на протест ќе излезат и граѓаните во Битола, на плоштадот „Магнолија“ и во Куманово, пред судот.

Во вторник е најавен протест во Прилеп, кај Камената бина, во четврок и во  Гостивар, на градскиот плоштад.

Иако за вчера не беше најавен протест, дел од граѓаните сепак излегоа на улица во неколку герила акции, меѓу кои и поставување пароли на спомениците низ Скопје.

Протестите се активираа минатата недела откако претседателот Ѓорѓе Иванов одлучи да ги помилува сите политичари против кои има кривични пријави или се водат постапки. Ова наиде на револт кај јавност, по што почна низа протесети, секој ден во 6 часот попладне против одлуката за аболиција. Со протестите се бара оставка од Иванов, отпочнување процес за избор на експертска влада која ќе го подготви теренот за вистински слободни и демократски избори, како и одложување на парламентарните избори најавени на 5 јуни.

Со овие протести, истовремено започнаа и контра-протести на повик на ГДОМ- Граѓанско движење за одбрана на Македонија. Тие се одвиваа главно пред седиштето на СДСМ, а беа против аболицијата на Иванов, но само кога станува збор за помилувањата на опозиицискиот лидер Зоран Заев поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски. Контра-протестите престанаа викендов, со најава дека нема да продолжат бидејќи им била исполнета целта – да има избори во јуни.