Протестен мурал на Бенкси во Њујорк за затворена турска сликарка

Провокативниот графити уметник, познат под псевдонимот Бенкси, го открил 20 метри високото уметничко дело во Њујорк, со кое сака да привлече внимание за затворањето на Зехра Доган, курдската сликарка од Турција.

На муралот на Бенкси, Доган е прикажана зад неколку решетки, од кои последната е молив, а веднаш до цртежот се бара нејзино ослободување.

Доган минатата година во Турција е осудена на затворска казна од две години и девет месеци за нејзината слика од курдскиот град Нусајбин. Нејзината слика, пресликана од новинска фотографија, го прикажува градот уништен од воен конфликт.

Фотографијата била направена од владините сили на локацијата каде се бореле со курдски милитанти и на неа е прикажано како со турски знамиња се обвиени уништените објекти.

Доган ја објавила својата слика на социјалните мрежи по што била уапсена и осудена на затворска казна.

Муралот на Бенкси, кој ја отсликува првата година од притворот на Доган, е поставен на Боувери Вол, направен од славниот ументик Кит Харинг во 80-тите години.