Протестен марш за оставка на министерот Тодоров

Со протестен марш денеска во 18 часот, од Владата до Министерството за здравство, движењето „Протестирам“ ќе ги потсети надлежниете дека не е заборавен случајот со малата Тамара, девојчето кое почина додека чекаше да и бидат одобрени пари за лекување во странство.

На денот кога кога се навршуваат 4 месеци од смртта на Тамара Димовска, од „Протестирам“ посочуваат дека оставките на двајцата директори на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази не се доволни.

„Најодговорен за смртта на Тамара е сѐ уште актуелниот министер за здравство, Никола Тодоров, кој вети дека ќе бидат платени сите трошоци за лекување и операција на Тамара, притоа излегувајќи од рамките на своите надлежности, а нам ни го одзеде правото да бидеме хумани и сами како граѓани да ги собереме потребните средства, зашто не верувавме дека некој може да биде толку суров и да излаже цел еден народ, за едно болно 9-годишно девојче, кое бара шанса за живот.

Да не ни се повтори Тамара! Никогаш повеќе! Да побараме уште погласно оставка и одговорност од Никола ТодорOFF! И да потсетиме дека каква било преодна влада со убијци на деца е неприфатлива!“, посочуват од „Протестирам“.