Протест во четврток поради лошите услови на тетовските гимназијалци

Родителите на тетовските гимназијалци од македонска настава, во четврток, со протестен марш ќе го искажат својот револт што нивните деца уште една школска година ја почнуваат без елементарни услови за посетување настава.

Околу 250 средношколци и овој први септември треба да тргнат на настава во зградата на Работничкиот универзитет, без соодветно затоплување, во тесни и импровизирани училници и со запоставени тоалети. Помал дел од учениците, наставата ја следат во Основното училиште „Гоце Делчев“.

Овие два објекти беа привремено решение за македонските паралелки, до изградба на нов објект во рамките на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Средношколците и претходно беа сместени во ужасни и небезбедни услови во старите медицинските бараки на брегот на реката Пена. И локалните и централните власти неколку години наназад ветуваа изградба на соодветен објект и решавањето на проблемот со македонските паралелки.

„Од оние ветувања, за кои и ние се ангажиравме повеќе месеци, ништо не е реализирано. Тоа значи дека нема елементарни услови за да почне настава во овие два објекти, бидејќи не одговараат на потребите на денешното образование. Мислам дека во тој поглед јавноста во Тетово треба да биде поангажирана бидејќи се работи за нашите деца“, вели Томислав Стојановски, родител на гимназијалец.

tetovska gimnazija 2

Освен родителите, револтирани се и професорите од гимназијата кои предаваат на македонските паралелки. Тие најавија дека во сегашните услови нема да почнат со настава на 1-ви септември. Директорот на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ Намикќамил Мустафа потврди дека бил известен за понатамошните намери на професорите, како и за протестниот марш и изјави дека нивните пораки се пренесени по хиерархијата до одговорните лица.

Тетовската градоначалничка Теута Арифи, пред неколку дена, за овој проблем изјави дека Општината изготвила дозвола за градба, но инвестициите по закон требало да ги оствари Министерството за образование во соработка со Министерството за транспорт и врски.

„Крајното решение за тие ученици е централниот објект на Тетовската гимназија и повикувам двете министерства да се најдат и дефинитивно да тргне со работа и со градежни процеси таму“, изјави Арифи.

Најавено е протестниот марш да почне во 8 часот од дворот на Работничкиот универзитет, а ќе заврши пред зградата на Општина Тетово. Родителите бараат писмена изјава и временска рамка за ветената надградба или доградба во рамките на централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, како и друго привремено решение со нормални услови за настава на средношколците, бидејќи за нив се неприфатливи просториите на Работничкиот универзитет кои досега служеа за таа намена.

Родителите информират дека од Општината ќе побараат писмени докази дека тие не се причина за кочење на изградбата на простории за гимназијалците од македонските паралелки, по што протестите ќе ги насочат кон Министерствата надлежни за овој случај.