Протест со тенџериња и „бомби“ пред домот на Груевски попладнево

Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ ги повика граѓаните денеска во 18 часот, масовно да дојдат пред домот на Никола Груевски, на протест наречен „Ука бука. Никола, слушни ги бомбите и оди си!

„Ги потсетуваме граѓаните и овој пат со себе да носат тенџериња, капаци од тенџериња, лажици, пластични туби и други предмети кои создаваат бучава, за Груевски да слушне и конечно да разбере дека мора да си оди. Ние, граѓаните, громогласно ќе му кажеме на Груевски дека не сме ги заборавиле неговите злодела и криминали, за кои тој и неговата тајфа ќе мора да одговараат, а и него ќе го потсетиме на клучните телефонски разговори (бомбите) што досега ги презентираше опозицијата“, се наведува во соопштението на „Граѓаните за Македонија“.

Пред резиденцијата на Груевски ќе се емитуваат и клучните делови од „бомбите“, односно прислучуваните телефонски разговори на владините функционери кои ги објави опозицијата.