Протест пред Градска болница „8 Септември“, лекарите бараат поголема почит и заштита

Персонал, медицински лица и лекари излегоа на мирен протест пред Ургентниот центар на Градската општа болница „8 Септември“, каде пред неколку денови група граѓани демолираа дел од болницата откако дознаа дека лекарите не успеале да го реанимираат нивниот роднина.

Лекарите и персоналот во ГОБ „8 Септември“ со протестот сакаат да искажат револт кон несаканиот инцидент, но и од стапенот на заштита и безбедност кон лекарите. Сметаат дека професијата е деградирана, односно статусот на докторите и останатите здравствени работници е на незадоволително ниво.

Директорот на болницата, Сашо Стојчев рече дека бараат да се почитува белиот мантил. Односно дека од ден на ден станува се’ полошо, а докторите постојано се навредувани и под закани.

Инаку, ланскиот ноември имаше сличен протест и пред Клиничкиот центар. Таму лекари се собраа да искажат револт кога хирургот Љубомир Огненовиќ беше застрелан од роднина на пациентката која почина по извршената операција на Клиниката за дигестивна хирургија. Побараа итно да се донесе Закон за лекарска дејност со кој ќе биде заштитена оваа фела, а на себе носеа и мети.