Протест на тетовски средношколци: Пред општината скапи возила, а ние немаме превоз

Дел од тетовските средношколци превозот до училиште си го плаќаат од сопствен џеб, други воопшто не одат на настава. Тие денеска во просториите на Општината, го изразија својот револт што локалната власт не им обезбедува бесплатен превоз, кој им следува.

„Јас сум од село Челопек, до овде доаѓам со комби. 40 денари е комбито во еден правец. Јас дали имам пари или немам – никој не ме прашува. Овде во општинава гледам убави и скапи автомобили, а ние од село немаме автобус да дојдеме и да учиме. Затоа сме овде, да побараме од градоначалничката Теута Арифи да ни обезбеди превоз, или нема да одиме на училиште“, рече еден од средношколците кои протестираа.

По средбата со средношколците, од Општина Тетово кусо соопштија дека се чека одговорот од Државната комисија за јавни набавки на жалбата за поништениот тендер која до нив ја поднеле превозниците.

Проблемите со организираниот превоз настанаа откако тетовската локална власт го поништи тендерот, информирајќи дека причината за тоа е што сите превозници понудиле повисока цена од таа која е одобрена за превозот на средношколците.