Протест на студентите по медицина, скандираат „Ние не сме глувци“

Скандирајќи „Ние не сме глувци“, околу 200 студенти по медицина излегоа на протест пред Министерството за здравство за да го искажат својот револт поради Законот за медицински студии. Неколку претставници на студентите, во моментов се на разговор во Министерството, јавува репортерката на Радио МОФ која го следи протестот.

Ние сме студенти, Не сме пиони, Не сакаме во странство, се само дел од паролите кои се извикуваат пред Министерството.

„Сите не избркавте, не сакаме во странство“, му порачаа студентите на министерот.

Студентите се револтирани поради тоа сметаат дека законот задира во автономијата на универзитетот, поради строгите одредби при полагање на државниот испит за лиценца, како и поради измените за полагањето предмети и условот за запишување следна година.

Поддршка имаат и од продеканката Соња Топузовска која изјави дека нивните ставови не биле земени во предвид при изготвувањето на овој закон.

Студентите на протестот дојдоа облечени во препознатливите  бели мантили, со свирчиња и бројни транспаренти.