Протест на новинарите пред Влада: Врзете си ги кучињата!

„Врзете си ги кучињата, затоа што тоа се ваши кучиња, а тие луѓе се дел од вашата коалиција“, им порача претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, на владините претставници кои излегоа на протест пред Владата организиран од новинарите.

Протестот беше организиран во знак на револт од функционирањето на системот кој не ги штити новинарите, а по јавно упатените закани кон Селмани од страна на Беќир Асани од ДУИ поради неодамнешниот случај со напад на полицајка во моментот кога пајак го дигал непрописно паркираниот џип на функционерот.

„Сакам да и упатам порака на Владата на која и плаќаме даноци. Не прифаќаме објаснување дека во Владата има добри и лоши дечки, не прифаќаме дека во Македонија постојат две Влади. Ние даноци плаќаме на оваа Влада и таа има обврска да ги замолчи насилниците. Не е време Владата да повикува на осуда на насилството, тоа не е доволно. Владата има обврска да ги замолчи насилниците, инаку во спротивно ќе станат дел од таа приказна“, порача Селмани пред Владата.

Дел од новинарите во знак на револт носеа транспаренти на кои пишуваше „Дојде живот за пајаците“, „Долга е раката на пајакот“, „Копилињата нема да стивнат“, „Ж(мро)ивот“. Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, истакна дека нападот кон Селмани е напад кон сите новинари.

„Барам да се обезбеди полициска заштита за колегата Селмани, затоа што станува збор за закани од групација и лице кое веќе има минат труд во однос на насилство кон новинари и насилство врз оние со кои не се согласува. Бараме од Обвинителство да постапува по службена должност затоа што она што се случува сега со Селмани кој укажа на неочитување на правната држава и селективна правда е нешто што се однесува на за сите нас. Барам од институциите да си ја вршат својата должност, а не да изразуваат соопштенија и солидарност. Нас ни требаат дела, не соопштенија“, рече Чаусидис.

Пред присутните се обрати и министерот без ресор, а задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски кој даде свое видување за состојбите во новинарството.

„Бројот на напади врз новинари и медиуми е драстично намален,  ова сега се појавува и ова опоменува сериозно, посебно кога е напад врз претседател на Здружение на новинари . Тоа е многу сериозна работа, но сериозно се постапува од наша страна“, се бранеше Поповски и апелираше фокусот од Владата, новинарите да го насочат кон работата на Обвинителството.

Македонија од пред скоро една година доби нова коалициона влада меѓу СДСМ како најголема политичка партија од македонскиот блок и ДУИ, од албанскиот блок, заедно со неколку помали партии. ДУИ и претходно беше дел од владината коалиција со ВМРО ДПМНЕ.

Името на Беќир Асани од ДУИ пак повторно се популаризираше во јавноста пред десетина дена, кога медиумите известија за пресметка на функционерот со полицајка која асистирала на пајак службата во отстранувањето на неговиот непрописно паркиран џип од пред трговскиот центар Мавровка. Полицајката иако непосредно по настанот побарала медицинска помош, следниот ден беше примена лично од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кога на јавноста и беше пласирана информацијата дека полицајката сама се удрила во пајакот, па затоа  отишла на лекар.

Заканите кон Селмани пак стигнаа откако тој преку Фејсбук побара функционирање на правната држава, по случајот со пајакот.

Асани е познат како „лице со краток фитил“, поврзан е со инцидентот со претепувањето на Тодор Петров, претседателот на Светскиот Македонски конгрес и е лицето кое на новинарот Лирим Дулови му удри шлаканица во Собрание.

Ј.Ј.