Протест на исклучените од системот на Топлификација по 149-ти пат

И денеска, како изминатите 149 саботи, во центарот на Скопје ќе протестираат лицата исклучени од системот на Топлификација, кои мора да плаќаат сметки иако не користат централно греење.

„Сметките за парно греење треба да бидат минимум 30% пониски! На протестот ќе презентираме доказ дека Тарифникот на Регулаторна Комисија за Енергетика е погрешен и постојат сомненија дека ниту имало седница кога е донесен, ниту го донело стручно тело. Поради ова се оштетени и вклучените и исклучените граѓани на централното парно греење. На протестот ќе се собираат и потписи против незаконското работење на извршителите“, соопштија организаторите на протестот.

Проблемот со парното во Скопје се актуелизираше неодамна, кога Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на членот 66, од правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, со кој всушност беше воведена обврска граѓаните кои не користат парно да плаќаат надоместок. Од Судот велат дека по членот 66 решавале во 2013 година и уште тогаш иницијативата е отфрлена.

Парното се најде и во предизборната програма на сегашната власт, која ветуваше дека никој нема да плаќа за услуга што не ја користи. Во меѓувреме граѓани продолжија да добиваат астрономски сметки од извршители, каде за заостанати сметки од 2000 денари, кои БЕГ не им давал да ги платат поради доцнење од неколку месеци, приморани се да плаќаат по 12 000 денари.