Протест на годишнината од смртта на Тамара, случајот останува нерасветлен

Граѓани и активисти денес протестираа пред Јавното обвинителство поради молкот на институцијата за смртта на Тамара Димовска, која почина чекајќи финанасиска помош за лекување од Фондот за здравство.

Една година од смртта на Тамара, Јавното обвинителство сѐ уште нема поднесено ниту еден обвинителен акт против одговорните кои не одобрија средства за лекување.

„Очекував многу побрзо да заврши истрагата и да бидат поднесени обвиненија, но искрено немам надеж дека нешто ќе се случи. Се чувствувам изземено од целиот случај и никој не ме информира, сѐ што се случува дознавам преку медиумите“, вели Жанета Димовска, мајката на починатата Тамара.

Јавното обвинителство вчера објави дека биле повикани повеќе лица да ги дадат своите изјави и дека повеќемина се осомничени за кривичното дело несовесно работење во службата.

Активистите кои излегоа на протестот и семејството на Тамара прашуваат колку време е потребно да бидат сослушани осомничените и зошто Јавното обвинителство се огласи прв пат вчера, откако беше најавен протестот за годишнината од смртта на Тамара.

Тие предупредија дека ќе протестираат сѐ додека граѓаните не добијат функционален здравствен систем и додека не се расчисти случајот за смртта на Тамара.

На протестот присуствуваше и 11-годишната Ханета, која исто така боледува од сколиоза. Нејзиниот татко појасни дека Комисијата на Фондот за здравство, под образложение дека се работи за вродена маана, два пати го одбила барањето за финансиска помош за операција на нејзините родители. Тој истакна дека на неговата ќерќа итно и е потребна операција на ’рбетот, која треба да се изврши во Анкара и чини 20000 евра.

С.Т