„Протекот“ на личните податоци ја загрози приватноста на илјадници студенти, МВР И ДЗЛП чекаат да помине празникот

По вчерашниот „протек“ на личните податоци на над 4700 студенти, преку официјалните мејлови на Машинскиот факултет при УКИМ, се загрози приватноста на студентите кои се во таа датабаза, но и на многу други, смета Новица Наков од организацијата „Слободен софтвер“.

Според него, најважно е овие студенти веднаш да ги променат лозинките на своите мејлови, а доколку се решат да тужат за надомест, да се консултираат со адвокат.

Откако вчера објавивме за случајот, голем број студенти почнаа меѓусебно да си ја праќаат датабазата за да проверат дали и нивните податоци се впишани во неа. Дел со кои разговаравме ни потврдија дека тие податоци кои се внесени, се вистински и нивни.

„Дека ги има моите податоци во списокот најпрво дознав во заедничка група со други студенти од мојот факултет, каде беше објавена веста од Радио МОФ. Веднаш проверив дали има нешто и кај мене на мејл, и видов дека во „spam“ сандачето ја имам табелата“, вели студентка.

Таа е свесна дека ова е сериозна работа и дека секој може да биде загрозен. Според неа, нормално е нивните лични податоци да ги има факултетот, но не и други луѓе. Оваа студентка се надева дека се работи за грешка или хакирање. Други студенти, пак, чии податоци се уште циркулираат на социјалните мрежи, велат дека правдата ќе ја бараат по судски пат.

Во информациите споделени со голем број студенти на Машинскиот факултет, јавно се објавени броевите на индекс, адресите на живеење, градовите, телефонските броеви, мејловите и лозинките за мејловите на студенти од овој, но и од други факултети.

„Најчудно во списокот со податоците на студентите е тоа што лозинките се чувани во т.н. plaintext формат. Со лозинка во ваков формат секој што го има корисничкото име и лозинката може да се пријави на сметката на електронската пошта и да има пристап до содржините што се таму. Доколку засегнатите студенти не си ги смениле лозинките веднаш, нивната коресподенција со други лица е доведена во опасност и со тоа загрозена е приватноста на многу повеќе лица од само оние што биле на списокот истечен од Машинскиот факултет. Оттука првата препорака би било сите, веднаш, ако тоа веќе не го сториле, да ги сменат лозинките“, вели Наков за Радио МОФ.

Според него, прашањето во случајот е дали Машинскиот факултет законски располагал со податоците на сите тие студенти и дали соодветно биле раководени.

„Македонскиот закон за заштита на личните податоци дозволува граѓаните (во случајот студенти) да тужат за надомест на штета доколку сметаат дека контролорот (во случајот Машински факултет) ги злоупотребил нивните лични податоци. Но, кој е најдобриот пат во овој случај за кога и како би се поднесла таква тужба, студентите би требало да се консултираат со адвокат“, смета Наков.

Тој вели дека потребно е да се почека мислењето од Дирекцијата за заштита на лични податоци, бидејќи постои можноста „протечените“ податоци да не бидат прогласени како лични. Од Дирекцијата, пак, официјален став ќе имаат дури утре, бидејќи денес е празник.

Радио МОФ денеска стапи во контакт и со дежурните служби во МВР. Прашањата околу надлежностите и евентуалната постапка на МВР за случајот побараа да им ги испратиме по мејл, кои ќе бидат препратени до секторот за компјутерски криминал. Но сепак, велат од МВР, за одговор ќе се почека најрано до утре, по празникот.

Деканот на Машинскиот факултет, Дарко Данев изјави дека откако дознале веднаш ги исклучиле серверите за да биде спречено евентуално понатамошно ширење на податоци од секаков вид, а утре ќе достават официјално барање до Дирекцијата за вршење вонреден контролен надзор за да се дознаат причините за случајот.

Радио МОФ