Пропаѓа поддршката за Трамп по неговите вулгарни коментари за жените

Поранешниот американски кандидат за претседател Џон Мекејн, како и поранешниот државен секретар Кондолиза Рајс, се меѓу последните влијателни републиканци кои ја повлекоа својата поддршка за Доналд Трамп, по протечените вулгарни коментари кои тој ги кажал пред 11 години.

Мекејн објасни дека „станува невозможно да продолжи да ја подржува неговата кандидатура“, додека Рајс вели: „Доста е. Доналд Трамп не треба да биде Претседател. Треба да се повлече“.

Неколку други високи членови на републиканската партија, сенатори и конгресмени исто така соопштија дека се оградуваат од поддршката за републиканскиот кандидат.

Претседателскиот републикански кандидат изјави дека нема никаква шанса тој да се повлече од трката, додавајќи дека добива „неверојатна“ поддршка. Во твит Трамп напиша дека медиумите и естаблишментот сакаат да го исфрлат надвор од трката..

Од неговите коментари за жените, во протеченото видео: „кога си славен, те оставаат да им правиш сè“, се огради и неговиот партнер во трката Мајк Пенс, кој бил навреден од коментарите на Трамп но среќен што изразил каење и се извинил. Навредена беше и сопругата Меланија, за која зборовите на Трамп се неприфатливи, но во соопштението додава дека нејзиниот сопруг има „срце и ум на лидер“.

Вчера, преку видео порака и славниот холивудски актер Роберт Де Ниро жестоко го нападна Трамп поради неговите ставови и вредности, нарекувајќи го: „срам за државата“, „национална катастрофа“ и „лажго“. „Тој вели дека сака некого да удри во лице – е па јас сакам да го удрам него“, додава бесно Де Ниро во видеото.

klinton-tramp-anketa

Според просекот на повеќето анкети на национално ниво, последната разлика помеѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп, пред вечерашната втора дебата, e 4% во корист на демократскиот кандидат. Според статистичките анализи тоа и дава на Клинтон 82% шанси да стане американски претседател.

Изборите во САД ќе се одржат на 8-ми ноември.