Промоција на книга за национализмот и соработката на Албанците и Македонците од Илинден до НОВ

Во вторник, 14 октомври, со почеток во 19.00, во Чаршиската библиотека (Libraria e Çarshisë) во Старата скопска чаршија, ќе се одржи промоција на антинационалистичката историска книга „Национализмот во(н) контекст: соработката на Албанците и Македонците од Илинденското востание до Народноослободителната војна“. Книгата е во издание на Левичарското движење „Солидарност“, а нејзини автори се Здравко Савески и Мариглен Демири. Испечатена е двојазично, на албански и македонски јазик.

„Солидарност“

-Нашето општество е отруено од национализам. Расте поделбата особено помеѓу Македонците и Албанците. Веќе не се познаваме, иако живееме во исти градови, села, иста држава. Во таков контекст, на националистите (и македонски и албански) многу лесно им успева да ја искривуваат историјата и да тврдат дека отсекогаш постоела нетрпеливост помеѓу Албанците и Македонците.

Со оваа своја антинационалистичка историска книга Левичарското движење „Солидарност“ сака да ги прикаже случаите на соработка помеѓу Македонците и Албанците во периодот од Илинденското востание до Народноослободителната војна. Не сакаме да тврдиме дека помеѓу Македонците и Албанците имало само соработка. Не сакаме да тврдиме ниту дека секоја соработка била заснована на антинационалистички основи. Но сакаме да посочиме и да докажеме дека имало соработка помеѓу Албанците и Македонците и дека националистите (македонски и албански) лажат кога го тврдат спротивното, посочуваат издавачите.