Промоција на зборникот „100 Илјади поети за промена“ вечерва во МКЦ

Во галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, вечерва, во 20 часот, ќе се одржи промоција на зборникот „100 Илјади поети за промена“, во кој се застапени поети од Македонија што учествуваа на петтото издание на манифестацијата. Специјални гости на настанот се Мохамад Фарахат и Мохамад Магди, претставници на интернационалното поетско движење од Египет.

„Темите што се најчеста инспирација за авторите и поетите, кои се дел од движењето ’100 Илјади поети за промена‘ обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи.

Преку ова читање ќе се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Ќе се види дали може да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија; размислувања и разговори со самите себе; внатрешни промени наспроти големата слика.

Да проговориме јавно за сите оние промени што сакаме да ги видиме, а се однесуваат, како на материјални, така и на духовни аспекти, за тоа дека не сакаме да има повеќе војни, геноцид, сакаме да има толеранција, разбирање, прифаќање на различностите и, всушност, ширење на онаа генерална, основна порака на луѓето, односно повеќе љубов, повеќе разбирање и прифаќање на луѓето такви какви што сѐ“, велат од Здружението на граѓани за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст“, организатори на настанот.