Промоција на новата поетска книга од Лидија Димковска

Новата поетска книга „Црно на бело“ од Лидија Димковска во издание на „Или-или“ ќе биде промовирана на 18 февруари (четврток) во 20 часот во кино „Фросина“ во МКЦ. За книгата ќе зборуваат Елизабета Шелева, Оливера Ќорвезироска и Гоце Смилевски.

„’Црно на бело’ е досега веројатно најзрелото книжевно остварување на Лидија Димковска; длабока и по својот дострел – универзална, а концепциски – заокружена и автентична книга достојна на 21 век, која извонредно му прилега и му парира со својот неслучајно апокалиптичен дух и темно обоен сензибилитет“, напиша Елизабета Шелева.

Според Гоце Смилевски, во најновата стихозбирка на Лидија Димковска, стануваме сведоци на еден поетски свет кој нè соочува со реалноста, преку раздробувањето на баналноста на секојдневието и тргнувањето во потрага по смислата на постоењето. Димковска ја изнесува преку својата поезија суштината и кога преку стиховите говори за јас и за најличното, и кога говори за Другиот и за најуниверзалното, додава тој.

„Ова не е најдобриот поетски глас на Лидија Димковска, ова е најдобриот поетски глас на современата македонска поезија. „Црно на бело“ е и аманет, и тестамент, и амајлија,.. а најмногу од сѐ е, сепак, и ѓердан и нож за вратот на виновниците и љубовниците’, наведува Оливера Ќорвезироска.

На ќерка ми запчињата ѝ се нишаат во една,
ѝ паѓаат во друга,
а ѝ растат нови во трета земја.

Во исто време, на еден крај на светот човек е жив,
на друг мртов,
а на трет веќе бесмртен.