Промоција на нова книга и изложба на фотографии од Владимир Мартиновски

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја најави промоцијата на новата книга Narro ergo sum / Раскажувам значи постојам, на Владимир Мартиновски, како и изложба на негови фотографии насловена „Во движење“. Настанот ќе се одржи на 25 ноември, во „Концепт 37“ со почеток во 20 часот. Промотор на книгата ќе биде Владимир Јанковски, а на изложбата Влатко Галевски.

„Мартиновски во манир на искусен компаратист во книгата Narro ergo sum / Раскажувам значи постојам докажува дека не само што современата литература мора да се храни од дијалогот со книжевната историја туку и современата теорија на литературата е невозможна ако во својата основа не е отворена, хибридна, комбинаторичка. Се чини дека се ова и главните квалитети во есеите на Мартиновски – тој успева да ги препрочита големите книжевни канони за кои сите по малку веруваме дека знаеме речиси сѐ, додавајќи нешто свое“, се вели во рецензијата на книгата.

Во движење е првата самостојна изложба на панорамски фотографии од Владимир Мартиновски, направени во повеќе градови во светот.

Владимир Мартиновски (1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач, фотограф. Работи како вонреден професор по предметот компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Автор е на повеќе поетски збирки, книги со есеи и книжевно-теориски студии, а приредил и неколку антологии, како и неколку зборници научни трудови од областа на книжевноста.

Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, Извршниот одбор на Европската мрежа за компаратистички проучувања, Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН центар. Добитник е на прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ за 2009 година (за расказот Бубамара на зрно калинка), на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2010 година (за книгата Квартети) и на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика во 2013 година (за книгата Зоон поетикон).