Промоција на книгата „Само сонот е стварност“ и проекција на „Searching for Sugar Маn“ во МКЦ

Промоција на книгата „Само сонот е стварност“ на Илинденка Петрушева,  филмски критичар, филмолог и истражувач на филмската историја, но и проекција на музичкиот документарен филм „Searching for Sugar Маn“ се најавени во вторник, 27 јануари во киното Фросина, во Младинскиот културен центар.

Книгата „Само сонот е стварност“,“ со поднаслов „од бележникот на еден филмолог“ е издание на Македоника литера, додека за неа на промоцијата ќе зборуваат Оливер Белопета и Зоја Бузалковска. Ова е книга во која може да се дознае или да се научи нешто повеќе за јапонскиот, рускиот, чешкиот, шпанскиот филм, за авторите како Фасбиндер, Саура, Тарковски, Сабо, но и за филмовите што кај нас, во одреден период, биле на кинорепертоарот и го привлекувале вниманието на љубителите на филмот. Книгата се осврнува на македонската кинематографија – што се случило во далечната 1897 година, што снимиле Французите во филмските студија во Венсан, близу Париз, во далечната 1903 година, што правел снимателот Нобл во Македонија во 1903 и 1904 година, што снимале домашните и странските филмаџии во Македонија од 1903 до 1954 година, но и како започнала организираната македонска кинематографија по Втората светска војна…

Проекцијата на музичкиот документарен филм „Searching for Sugar Маn“, филм које е добитник на Oскар и BAFTA за најдобар документарец, победник на Sundance и добитник на уште 37 други награди, ќе следи по претставувањето на книгата, а како дел од програмата на Зимскиот МакеДокс.

Дружењето на присутните потоа ќе продолжи во бифето на МКЦ, со звукот на Sixto Rodriguez.