Промоција на „Едноставни приказни“ од Лазар Ристовски

Издавачката куќа Табернакул утре (7 октомври) во Клуб ресторанот МКЦ ќе го промовира своето најново издание „Едноставни приказни“ од Лазар Ристовски, познатиот актер, режисер, сценарист и продуцент.

Книгата содржи тринаесет топли, човечки, едноставни приказни, што авторот ги пишувал во последните десетина години. Приказните се сеќавања, спомени, за малите луѓе што рамноправно сочинуваат дел од големиот космос. Јунаците на приказните се свесни за себе, но не се посилни од судбината што им е предодредена.

Првенствено познат по филмското творештво, Ристовски во пишувањето го пронаоѓа она што филмот не му го овозможува – осаменоста. Лазар Ристовски пишува одамна, но ретко објавува и вели: „Пишувањето е повлекување во ложа од којашто подобро се гледа светот. Писателот набљудува, но истовремено и го креира она што ќе го види. Тоа е возбудлива можност, нели?“

На промоцијата ќе говори и Сашо Мацановски-Трендо, а извадоци од книгата ќе чита Петар Арсовски. Почетокот е најавен во 20:00 часот.