Прокисна покривот од тетовското „Лирија“, учениците излегоа на протест пред општината

Учениците од Основното училиште „Лирија“ во Тетово, претпладнево протестираа пред општинската зграда, поради тоа што немаат услови за учење, а во нивните училници веќе втор ден прокиснува покривот, објави „Мета“.

„По секој пороен дожд прокиснува покривот, дождовната вода ја пречекуваме во садови. Мора конечно да се реши овој проблем, да се реконструира покривот и да имаме достојни услови за следење настава“, изјави ученичка од Основното училиште „Лирија“ во Тетово.

Од раководството на училиштето велат дека децата од утре ќе се вратат на настава и ќе учат во комбинирани парарелки, со скратени часови.

„Сите ученици ќе учат само на приземјето, на првиот кат нема да има настава сè додека не се реконструира покривот“, изјави Шпреса Исеини, директорка на училиштето.

Таа додаде дека се обратиле до Министерството за образование, од каде побрале финансиска помош за реконструцкија на покривот, но оттаму добиле негативен одговор.

„Од Министерството за образование ни истакнаа дека немаат законска можност да финансираат градежни активности во пресрет на закажаните вонредни парламентарни избори“, изјави Исеини.

И од Општина Тетово изјавија дека не е во нивна надлежност да финансираат капитални проекти, како што е случајот со реконструкцијата на покривот на ова училиште.

Основното училиште „Лирија“ е најголемо во Тетово и во него учат околу 1.000 ученици.