Програма iSummer – За прв пат работа и пракса за млади по струка во Америка

За прв пат во Македонија, ЊуМенс бизнис акцелераторот ги отвора можностите за младите да работат по струка во Америка. Преку новата програма „iSummer“, на младите им се пружа шанса преку лето да не работат било каква работа, како досега, туку да го одберат она кое што ги интересира или пак го студираат.

Програмата iSummer е достапна за студенти и за дипломирани до 28 години. Предност ќе имаат оние кои студираат на технолошките факултети, економски и менаџерски смерови на било кој факултет, факултетите за визуелни уметности, мултимедија и слични сродни факултети.

Целата листа можете да ја видите на овој ЛИНК, додека видео повикот може да го погледнете ОВДЕ.

Од Акцелераторот велат дека програмата ќе придонесе за подобро позиционирање на пазарот на трудот во Македонија и странство.

“Веќе неколку години ги гледаме нашите најсветли умови како заминуваат во странство за да работат на работни позиции кои не се соодветни за нивното образование. Затоа решивме да направиме нешто околу тоа и да им понудиме дополнителна можност за раст и развој, бидејќи и како компанија се залагаме за тоа со сите напори преку најразлични проекти и преку нашата академија. Добрите врски со Американските компании и досегашното искуство со NASA Space Apps Challenge, како и неодамнешната препорака од NASA резултираа со потпишување на договор за старт на соработка со Европската вселенска агенција – ESA и Француската вселенска агенција – CNES за проширување на натпреварот за вселенски технологии Act In Space на територијата на Соединетите Американски Држави и тоа на 15 локации што дополнително говори за нашите сериозни намери да овозможиме несекојдневни искуства и процес на учење за сите кои се вклучени во нашата работа.” – вели Ирена Чаушевска, со-основач и Генерален Менаџер на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот.

За програмата iSummer, повеќе информации можете да дознаете на нивната веб страна (www.newmansba.com).