Прогласени победниците на ултрапланинскиот маратон „По патеките на Крали Марко“

Со доделувањето медали и дипломи на најуспешните денеска во Прилеп заврши седмиот по ред ултрапланински маратон „По патеките на Крали Марко 2017“, кој викендов се одржа во Прилеп.

Првото место на најдолгата трка во едицијата на „По патеките на Крали Марко“, со должина од 110 километри, а се трчаше низ карпест и каменест предел и кој стартуваше од петокот, им припадна на Александар Стојкоски, од Прилеп и Марија Николова од Бугарија.

Во трката „По патеките на Козјак“, долга 65 километри, прв на целта во машка конкуренција пристигна Александар Кирковски, а во женска конкуренција, прва на целта пристигна Мери Мирческа од Прилеп.

Сања Костуранова и Слободан Стаматовски од Македонија се победници во трката насловена „По патеките на Камена Баба”.

Се трчаа 31 километар, а прв во најмасовната трка „По патеките на Трескавец”, на која учество зедоа 130 натпреварувачи, долга 16 километри, која почна од амфитеатарот во населбата Варош до манастирот Трескавец, беше Стефан Уебел од Герамнија, а прилепчанката Талија Петреска од клубот „Златоврв“ стигна прва на целта во женска конкуренца.

Годинава на трките беа пријавени околу 400 учесници од 22 земји. Маратонот се одржувал под мотото „Почувствувај ја легендата, истрчај го митот“ и натпреварувачите учествувале во четири трки.

Инаку, дел од учесниците за време на трката наишле на потешкотии бидејќи некои ознаки за траката биле сменети. Ова, пак, довело до откажување кај дел од учесниците, а други ризикувале да се загубат во планинскиот терен. Организаториите се сомневаа дека е дело на локални жители.

Трката е од големо значење за учесниците бидејќи носи квалификациски поени за ултра маратонот на Мон Блан.