Професорски пленум: Поддршка за граѓанските протести

Професорски пленум преку блог-пост изрази поддршка за граѓанските протести за враќање на владеењето на правото во Република Македонија. Текстот го пренесуваме во целост:

Почитувани сограѓанки и сограѓани,

Пред 25 години сите заедно ја прогласивме Република Македонија како самостојна и суверена држава со демократско уредување и устав според кој сите граѓани и граѓанки се еднакви пред законот. Зачекоривме на патот на независноста со желба нашето место под сонцето да биде држава во која секој од нас слободно ќе го зборува својот мајчин јазик, ќе ја развива својата култура и практикува својата религија, ќе создава и ќе се натпреварува за себеси и за другите.

За жал, патот на независноста се претвори во транзиција, а транзицијата во натпревар на тоа кој ќе биде посилен, погруб и побрутален. Насилството стана единствениот начин. Реформи без поддршка од експертите и јавноста; закони кои се носат на полноќ; пратеници на клоци; новинари по затвори; медиуми кои пренесуваат лажни информации и шират омраза; задолжително присуство на митинзи и протести; гласачи кои гласаат и во наше име; комисии кои одлучуваат не според закон, туку според сопствено убедување; министри кои земаат провизии легално; судии кои едни ги ставаат во притвор а други не; синдикати кои ги држат работниците подалеку од протестите; измамени штедачи; акционери без акции; нема бизнис без провизија; нема работа без партиска книшка; сите на печалба; цел град со иста фасада; утра осамнати со исечени паркови; споменици, а нема ни канализација; лекари под диктат на учинок наместо Хипократ; наставници екстерно тестирани и интерно уценувани; прислушувани граѓани; граѓани кои плаќаат за парно, а не користат греење; граѓани кои плаќаат задолжителна радиодифузна такса, а добиваат партиска пропаганда; задолжителни квоти на казнети службеници; уметници и стручњаци како даватели на јавни услуги; универзитетски професори на поени и фактори; студенти што окупираат факултети; средношколци по шатори наместо на часови; куп закони, а правда никаде.

Почитувани сограѓанки и сограѓани, без правда не може да има мир. За никого. На правдата очите ѝ се заврзани не за да не гледа што се случува околу неа, туку за да не гледа кој стои пред неа додека му суди. Време е  законите да важат подеднакво за сите. Време е за правдата. Време е да престанеме да се залажуваме дека насилството нема да нè стигне и да му се спротивставиме. Време е да сфатиме дека кога се институционализираат самоволието и законот на посилниот, граѓанскиот протест е единствениот можен акт на самоодбрана.

Професорскиот пленум бара одговорност од сите што спроведуваат, оправдуваат и простуваат самоволие!

Професорскиот пленум бара владеење на правото и неселективна правда!

Професорскиот пленум бара почитување на правото на говор, слободна и критичка мисла!

Професорскиот пленум бара создавање услови за слободно изразување на волјата на граѓаните!

Професорскиот пленум ги повикува сите политички фактори во земјава да ги преземат неопходните чекори за да се стави крај на беззаконието и да создадат услови за опстојување на Република Македонија како самостојна, суверена, демократска, цивилизирана и просперитетна држава за сите нејзини граѓани.

Професорскиот пленум бара од меѓународната заедница како учесник и гарант на политичкиот договор без дипломатски речник да се изјасни за состојбите и со цврста определба да застане на страната на правдата, зашто БЕЗ ПРАВДА НЕМА МИР!

Професорски пленум