Професорски пленум бара одговорност за полицискиот упад во читалната

Професорскиот пленум најостро го осудува полициското насилство за време на вчерашниот протест за Мартин Нешковски и упадот на специјалните полицајци во читалната на градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Пленумот смета дека ваквото однесување е брутален и анти-морален чин со кој се повредуваат сите човечки права. 

„Бараме одговор, по чија наредба специјалната полиција вчера влезе во библиотеката „Браќа Миладиновци“? Бараме одговорност за сите вооружени лица што ги пречекориле своите овластувања!“, стои во соопштението на Професорски пленум.

Министерката Гордана Јанкуловска го потврди случајот и соопшти дека привеле едно лице, но според неа, мерките на полицијата биле легитимни.

Студентски пленум објави видео од упадот на полицајците во доцните часови, во библиотеката ,,Браќа Миладиновци“ под изговор дека ги бараат демонстрантите. Според Пленумот, полицајците ги нападнале студентите без никаква причина, физички и вербално ги малтретирале и им се заканувале дека ќе добијат кривични пријави. Полицијата влегла и во кампот на средношолците пред МОН за да бара учесници во протестите.

Од Пленумот велат дека борбата за подобро образование не треба да се казни со тепање на оние кои ја иницираат, туку да се награди. Поради тоа, ги повикаа сите членови на академската заедница, студенти, средношколци и родители да излезат на денешниот протест пред МОН во 17.00 часот, како продолжување на заедничката борба за квалитетно образование.

Синоќешниот протест пред Владата, започна по објавените аудио снимки за смртта на младиот Нешковски, кои претходно ги презентираше СДСМ. Протестот започна мирно, а заврши со судир помеѓу полицијата и демонстрантите, што резултираше со повредени.