Професорите до Груевски: Вашата „дебата“ е нелегална, нелегитимна и многу задоцнета

Професорите обединети во Професорскиот пленум вечерва објавија обраќање до премиерот Никола Груевски, осврнувајќи се на денешните случувања и дебатата околу државниот испит.

Обраќањето на професорите го пренесуваме во целост:

Почитуван Премиере,

Професорскиот пленум нема да биде соучесник во кршењето на принципот на владеење на правото, на поделбата на власта и на деловнички утврдената процедура при изменувањето на Законот за високо образование. Упатената „покана“ од Ваша страна, среде наша прес-конференција, ја сфативме како умешен политички чин, но ни за миг не поверувавме дека имате искрена желба да нѐ сослушате. Уште повеќе, Вие почитуван Премиер, не можете и не смеете да каните на дебата во законодавниот дом, каде што не сте домаќин, туку сте гостин. Со Вашата „отворена покана“ упатена пред медиумите јавно го загрозивте уставниот статус, надлежност и дигнитет на Собранието, грубо го прекршивте неговиот Деловник за работа, јасно покажувајќи каде е центарот на моќта во нарушената рамнотежа на власта, како претпоставка на македонската демократија.

И Вие и Ние знаеме дека денешната „дебата“ е нелегална, нелегитимна и многу задоцнета. Ве потсетуваме дека Деловникот на Собранието предвидува спроведување на јавна дискусија од страна на матичната комисија, врз основа на одлука на Собранието, кога се работи за закон кој што е од поширок интерес, каков што несомнено е Законот за високо образование. Собранието, за жал, не ја отвори јавната дебата и пропушти, со објавувањето на предлог законот, да ги направи предлог-измените достапни до граѓаните, институциите, политичките партии, синдикатите и другите заинтересирани субјекти за да собере мислења и предлози за измените. Ве уверуваме дека истите ќе беа компатибилни со нашите, а не со вашите ставови и дека ќе беа од непроценлива помош за Комисијата за образование и наука за следниот законодавен чекор, за второто читање.

Професорскиот пленумот не би бил професорски ако се согласеше да биде соучесник во кршењето на Уставот, законот и Деловникот, легитимирајќи ја квази дебатата, која е во функција на Вашата политичка агенда, наместо на партиципативната демократија. Како и досега, свесни бевме дека нашите ставови и аргументи против предложените законски измени ќе беа грубо игнорирани. Дополнително, „дебатата“ има спорен легитимитет, во отсуство на најважниот дел од универзитетската и академска заедница: СТУДЕНТИТЕ!
Дека нашите сомнежи беа оправдани, потврди сликата од дебатата во Собранието од која сите го видовме начинот на кој се однесувавте кон нашиот колега , проф. д-р Велимир Стојковски, првиот човек и претставник на целата академска заедница. Ниту го сослушавте, ниту го разбравте. На овој начин игнорирате 50.000 студенти, 4.000 универзитетски наставници и соработници кој тој ги претставува, како и над 130 страници забелешки на предлог законите кои тие ги дадоа.

Пленумот смета(ше) дека „дебатата“ е само инструмент за легитимирање на еден нелегитимен и октроиран закон. Вие и вашата Влада се обидовте да легитимирате една недемократска и нетранспарентна процедура. Ако сте Демократ и ако нè почитувате, размислете уште еднаш за нашето широко прифатено барање за итен прекин на законодавната постапка и повлекување на законот за измени и дополнувања на законот за високото образование, но и на останатите закони од истиот пакет.

Со задоволство, страст и посветеност ќе се вклучиме во вистинската дебата најпрвин за причините и корените на состојбите во образованието, а потем заедно/конзилиарно ќе ја утврдиме дијагнозата, а на крајот Ви стоиме на располагање во креирањето на добар закон (Аристотел). Ние не сме против реформи и квалитетно образование, туку напротив. Но, добрите реформи се темелат на широка партиципација на сите засегнати страни и на широк консензус.

Политичкиот монолог е лош метод за креирање добри и легитимни закони и политики.
Ние сме за политика во границите на правото. Ние сме за функционална демократија, а не за демократура, заснована врз виртуелна, фабрикувана согласност која се конструира низ сликата и перото на некои медиуми.
Со надеж за вистинска средба и жив дијалог со Вас,

Со почит,
ПРОФЕСОРСКИ ПЛЕНУМ