Проекција на „Неизвесност“ и дискусија во социјалниот центар „Дуња“

Во социјалниот центар „Дуња“ денеска од 20 часот ќе има проекција на „Неизвесност“, последната епизода од серијалот „Ова е цивилизација“, по што е предвидана и дискусија со гостинот Владимир Јанчевски.

Од „Дуња“ велат дека „Неизвесност“ е она што според Метју Колингс го дефинира животот, цивилизацијата, а со самото тоа и уметноста на 20-иот век – модерната уметност.

„Технолошките и научните промени од индустриската револуција, од темел го менуваат животот на човекот во индустриските општества на 20-тиот век. Во модерниот начин на живот старите илузии исчезнуваат, нивното место ги заземаат нови. Конзумеризмот е нашата нова слобода, прикажана преку рекламите. Уметноста не опишува, нас кои имаме слобода да бидеме тоа што сакаме, но тешко ни е да осознаеме што всушност сме ние. Живот во несигурната сегашност. Не знаемедали ваквата егизстенција е повисокo ниво на свест или само сме изгубени во патот. Повеќе не постои единствен морален код. Како се справуваме со тоа?“, стои во најавата за настанот.

Инаку, серијалот „Ова е цивилизација“ се проектираше секој понеделник во јуни, со различни епизоди од документарни филмови во авторство на уметничкиот критичар Метју Колингс, чија намера е да се анализира историјата на уметноста, а со тоа и цивилизацијата преку разгледување на конкретни дела кои се сметаат за вредни достигнувања од уметноста.

Целта на проекциите, кои се своевидни лекции по уметност за почетници, велат од „Дуња“, е да се обидат да ја направат уметноста разбилива пред се’ за луѓето кои не се уметници или историчари на уметност.